Георгиески: Охрид е најголемото туристичко богатство на нашава земја

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Охрид остварува континуиран напредок во своето работење?

К. Георгиески: Општината треба постојано да биде во функција на граѓаните. Сите знаеме дека обезбедувањето квалитетна инфраструктура е секогаш основен приоритет, па затоа јас како градоначалник и оваа локална власт особено сме посветени на инвестициите за подобрување на урбаниот лик на градот и постојано инвестираме во модернизизација на инфраструктурата. До сега успеавме да реализираме голем број квалитетни проекти со кои Охрид добива сообраќајна мрежа според сите современи стандарди. Беа реконструирани и асфалтирани значајни градски сообраќајници и значително беа подобрени условите за безбеден и динамичен сообраќај, што е од особена важност и за жителите, но и за туристите кои го посетуваат градот. Беше извршена комплетна реконструкција на улиците „Егејска“, „АСНОМ“, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и беше изградена нова улица на потегот во поранешната касарна. Во моментов интензивно се одвиваат градежни активности на уште неколку големи капитални проекти, а тоа е комплетна реконструкција на улиците „15-ти корпус“, „Абас Емин“ и „Јане Сандански“. Исто така, во тек се подготвителни активности за реконструкција на кејот „Македонија“, проект кој е од особено значење за туристичкиот имиџ на Охрид. Исто така во тек се и активности за изградба на новата трибина на стадионот „Билјанини извори“.
Покрај значајните инвестиции во сообраќајната инфраструктура и асфлатирање улици, реализиравме и голем број проекти за партерно уредување на патеки и на плоштади, изградба на потпорни ѕидови, нови канализациски мрежи и современи водоводни линии. Во буџетот за 2021 година планирани се средства за реализација на уште низа важни инфраструктурни проекти кои се од големо значење за градот.
Особено би сакал да ги издвојам инвестициите кои ги имавме во делот на образованието и на социјалната заштита. Се изврши комплетна промена на покривната конструкција на пет училишни објекти и една градинка, при што азбестните покриви беа заменети со лимени покриви. Имавме инвестиции за промена на дограма, подови, санитарани јазли во сите основни и средни училишта, а беше изградена и нова спортска сала во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“. Во делот на образованието би сакал да споменам дека преку посветена работа нашата локална власт конечно го реши проблемот со блокираната сметка на ОУ„Григор Прличев“. Општина Охрид целосно го исплати преземениот долг на училиштето и училиштето сега има облокирана сметка. Локалната самоуправа континуирано ги помага и ги мотивира учениците и студентите, а оваа година додели рекордни 412 ученички и студентски стипендии. Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи инфраструктурни инвестиции во образованието се предвидени и во текот на наредниот период.

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Охрид? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

К. Георгиески: Општина Охрид децении наназад се соочуваше со проблемот на презадолженост, па затоа враќањето на финансиската стабилност беше еден од најважните приоритети на оваа локална власт и на овој план имаме постигнато значителен успех. Благодарение на поддршката и помошта од Владата на Република Северна Македонија, преку напорен и исклучително одговорен ангажман за само две години долгот на општината е намален за повеќе од една милијарда денари. Во текот на 2020 година, и покрај сериозната здравствена криза поради пандемијата од ковид-19, Општина Охрид успеа повторно да го намали долгот и во моментов вкупниот долг изнесува околу 470 000 000 денари.
Егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без локален економски развој, а успешното реализирање на овој концепт подразбира создавање поволна клима за деловни активности и инвестирање. Еден од најважните предуслови за развој на индустријата, на бизнисот и на туристичкиот сектор е квалификуван и стручен кадар кој ќе може продуктивно да одговори на потребите на пазарот за работна сила. Но, во последниве неколку години се соочуваме со одлив на работна сила, многу млади и образовани кадри барајќи подобра егзистенција го напуштаат Охрид и затоа мора да се размислува за функционални мерки кои би ја подобриле оваа состојба. Мора да се работи на создавање услови за младите да ја гледат својата иднина во својот град. Состојбата со животниот стандард во Охрид до некој степен се ублажи во текот на изминативе неколку години, откако инвестираа и започнаа да функционираат неколку странски компании во Охрид, кои вработуваат голем број работници. Но, последнава година поради пандемијата со корона вирусот ковид-19 значителни штети претрпе туристичкиот и угостителскиот сектор. И покрај помошта и економските мерки на Владата, загубите се евидентни.

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

К. Георгиески: Во Општина Охрид ингеренциите на локалната и централната власт во голем дел од законската регулатива се испреплетени, особено во делот на урбанистичката сфера. Во некои случаи тоа е предност, а во некои случаи е недостаток бидејќи се потребни многу бирократски процедури за прибавување на документација.
Заедничките ингеренции се акутелизираа во случајот со заштита и зачувување на природното и културното наследство, во делот на исполнувањето на препораките на УНЕСКО. Сметам дека на ова поле до сега како локална и централна власт преку заеднички ангажман постигнавме голем напредок и презедовме значајни мерки по однос на препораките за зачувување на статусот на светско и природно наследство на Охридскиот Регион.
Покажавме вистинска грижа за она што е исклучително важно. Со сите мерки и активности кои ги презедовме и планираме да ги преземеме во иднина, ја запираме деградацијата во регионот и ги поставуваме параметрите за заштита и развој на еден долг рок. За прв пат донесовме сеопфатен План за управување со природното и културно наследство и важно е да се каже дека сите наши заложби и активности во делот на управувањето со крајбрежјето, урбаниот и туристичкиот развој ќе бидат во насока на имплементација на овој План и во согласност со сите постоечки законски прописи.
Во делот на справувањето со бесправно изградените објекти, како што имам кажано и претходно, се работи за еден процес кој е е под голем интерес и притисок на јавноста од сите сфери. Веќе започнавме значајни активности за отстранување на нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита и во иднина е планирано да бидат отстранети сите вакви објекти согласно законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките. И на ова поле потребно е високо ниво на заедничка соработка и координација на сите власти. Се работи за процес за кој се потребни големи средства, кои општината и државата треба да ги обезбедат заеднички.
Во рамките на заедничките активности со централната власт би го потенцирал проектот за реконструкција на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро со кој се решава сложен и сериозен проблем. Особено ме радува фактот што со заедничка посветеност и упорност успевме да ја оствариме целта, а тоа е чиста езерска вода и чиста животна средина за нас и за идните генерации.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

К. Георгиески: Секако дека би помогнала. Сметам дека е потребно повисоко ниво на фискална децентрализација, особено во делот на капиталните инвестиции. Сепак, се работи за сложен процес, и за целосното пренесување на ингеренциите од централната на локалната власт треба јасна стратегија и промени во постоечките закони.

Дали има нешто што самата Општина Охрид може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?

К. Георгиески: Заедно со меѓународни партнери Општина Охрид веќе имплементира низа проекти кои се финансирани од фондовите на ЕУ. Во моментов со неколку партнери веќе аплициравме со заеднички проекти на програмите ИПА2 и ИПА3 за прекугранична соработка со Албанија. Претпристапните фондови се добра можност за обезбедување средства за реализација на многу проекти со кои може да се подобрат условите во голем број сегменти на локално ниво. Како општина сметам дека имаме многу голем потенцијал и капацитет да искористиме повеќе од овие достапни средства.

Каква е комуникацијата на Општина Охрид со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

К. Георгиески: Охрид е најголемото туристичко богатство на нашава земја и благодарение на неговите уникатни потенцијали од година во година прераснува во атрактивна дестинација која сè почесто се наоѓа на препорачаните светски листи за нови локалитети како место кое задолжително мора да се посети. Во согласност со светските туристички текови, оваа локална власт интензивно работи на посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на алтернативен туризам надвор од шпицот на летната туристичка сезона. Ги субвенционираме приватните станоиздавачи во износ од 80 % од уплатената туристичка такса, при што одобрената субвенција на регистрираниот станоиздавач се доделува наменски, односно средствата мора да бидат реинвестирани во сместувачкиот капацитет.
Веќе е изработена нова Стратегија за развој на туризмот која ќе даде нови насоки за напредок во оваа сфера. Стратегијата е изработена од страна на стручни научни работници од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Исто така во соработка со академската заедница од истата образовна институција беше изготвена „Анализа на економскиот импакт на туризмот во Општина Охрид“.
Преку Секторот за туризам и локален економски развој до сега беа реализирани голем број проекти за подобрување на туристичката инфраструктура, а во континуитет се организираат и низа промотивни настани. Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка може да го направиме светска туристичка дестинација. Остваруваме редовна соработка и споделуваме проекти и идеи со туристичката заедница, невладиниот сектор и културните институции. Исто така имаме постојана соработка со амбасадите во нашава земја, кои даваат значителен придонес и поддршка во реализација на низа проекти во повеќе сфери од живеењето.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Охрид?

К. Георгиески: Решавањето на потребите и на проблемите на граѓаните, како и извршувањето на надлежностите кои ги има општината како неопходност наложува ефикасно планирање на сите расположливи ресурси, подобрување на фискалниот капацитет, со цел креирање подобри услови за развој и живеење на сите граѓани на нашата општина.
За долгорочна здрава основа на работењето и долгорочна одржливост на финансиите можеме да зборуваме во моментот кога Општина Охрид ќе успее да ја деблокира својата сметка која е блокирана од далечната 2005 година.
Висината на обврските континуирано предизвикуваше и сè уште предизвикува проблеми не само во извршувањето на тековните активности туку и во самиот процес на планирање и подготвување на буџетот, а следствено на тоа и рационално планирање и реализација на програмите за работа. Како локална власт активно работиме на решавање на актуелниот проблем и во опција се повеќе варијанти, меѓу кои и кредитно задолжување кај комерцијалните банки со поволни кредитни стапки, со цел конечно затворање на проблемот со наследените стари долгови на општината.
Општината и натаму работи во услови на блокирана сметка со утврден лимит од Основниот суд Охрид во висина за неопходно извршување на функциите на општината. Како неопходност се налага што поскоро изнаоѓање на решение за престанатиот дел од наследените долгови, со цел да се искористи моменталната состојба со цел да се спречи враќање на старите позиции во однос на задолжувањето бидејќи преостанатиот дел и натаму значително ја оптоварува општината по основ камати.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано