Буџетот на општина Охрид
Движења, трендови, показатели

Во делот на проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“ којшто се однесува на анализата на буџетот на поодделните општини, ги користиме податоците за 2019 година. Причина за тоа е специфичноста на 2020 година, заради пандемијата со Ковид-19 вирусот и нејзиното влијание врз финансиите на локалните управи во земјата. Користењето на податоци што се однесуваат на 2019 година за сите општини што се или ќе бидат опфатени со проектот ќе овозможи споредливост за завршната сумарна споредбена анализа на општините. Во овој број користиме јавно достапни податоци и податоци добиени од општината Охрид.
Анализата се базира на стандардната методологија користена досега и за другите анализирани општини. Таа се фокусира на неколку групи на индикатори: големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, структурата на приходите, структурата на расходите, задолженоста и даночната администрација.


Големина на локалнатасамоуправа
Големината на локалната самоуправа се оценува преку два индикатори: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
Вкупните расходи на општината ги вклучуваат реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Во 2019 година вкупните расходи на општина Охрид изнесуваа 1.499,2 милиони денари, или 24,4 милиони евра. Ако се земе дека според последните расположливи податоци во општина Охрид живеат 42.033 лица, тогаш се добива дека во 2019 година вкупните расходи на општина Охрид по жител се 35.666,3 денари или 579,9 евра.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. На крајот од 2019 година во општинската администрација на општина Охрид работеле 214 лица. Тоа значи дека на секој жител на општината отпаѓаат 0,00509 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општина Охрид има 5,1 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Втората група на индикатори се однесува на даночната автономија на општината, која овозможува да се оцени колку е финансиски независна локалната самоуправа. За таа цел, кај оваа група индикатори користиме четири индикатори.
Прв индикатор за оценка на даночната автономија на општината е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Во овој контекст, како сопствени приходи на општината се третираат приходите врз кои општината има дискреција во поглед на утврдувањето, односно наплатата на јавните давачки. Тука спаѓаат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Алтернативно прикажано, сопствени приходи се оние приходи што остануваат кога од вкупните приходи во буџетот на општината се одземат трансферите од централната власт.
Сопствените приходи на општина Охрид достигнаа 500,1 милиони денари или 8.1 милиони евра. Оттука, сопствените приходи на општината Охрид учествуваат во нејзините вкупни расходи со 33,4%, односно точно една третина од вкупните буџетски расходи на општината Охрид се финансираат од сопствените приходи на општината. Ова упатува на релативно низок степен на фискална автономија на општината.
Втор индикатор за даночната автономија е учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Даночните приходи ги опфаќаат приходите по основ на даноци на имот, но ги вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Во 2019 година даночните приходи на општина Охрид изнесуваат 194 милиони денари, или 3,2 милиони евра. Следствено, учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината изнесува 12,9%.
Трет индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Во неданочни приходи спаѓаат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште. Неданочните приходи на општина Охрид изнесуваат 213,7 милиони денари, или 3,5 милиони евра во 2019 година, а нивното учество во вкупните расходи на општината беше 14,3%.
Четврти индикатор за даночната автономија е учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи. Во 2019 година, од централната власт на општина Охрид и’ се трансферирани 1006,7 милиони денари или 16,4 милиони евра. Со тоа, фискалните трансфери од други нивоа на власт учествуваат во вкупните расходи на општина Охрид со 67,2%. Со тоа, овој индикатор, само од друг агол, го потврдува заклучокот за постоење на значителен т.н вертикален фискален дебаланс.

Структура на приходите


Составен дел на анализата на буџетот на локалната самоуправа е анализата на структурата на нејзините приходи. Таа ни дава сознанија за одржливоста на финансирањето на општината. Тоа е важно сознание ако се земе предвид дека општината треба да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни разновидни активности што влегуваат во нејзините надлежности, како што се активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина, итн.
Во 2019 година вкупните приходи на општина Охрид изнесуваат 1.506,9 милиони денари или 24,5 милиони евра. Нивната структура е прикажана во графиконот 1. Доминантна ставка кај приходите на општината се трансферите од други нивоа на власт (централната власт) со учество во вкупните приходи од 66,8%.
Неданочните приходи се втората најголема ставка во рамки на приходите на општина Охрид. Неданочните приходи изнесуваа 213,7 милиони денари или 3,5 милиони евра во 2019 година. Со тоа нивното учество во вкупните приходи на општината изнесуваше 14,2%.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на општина Охрид се даночните приходи, кои во 2019 година достигнаа 194 милиони денари, или 3,2 милиони евра. Нивното учество во вкупните приходи на општината изнесува 12,9%. Најголема компонента во рамки на даночните приходи се приходите од данокот на имот. Во 2019 година по основ на данок на имот општината остварила приходи во буџетот од 181,8 милиони денари или 3 милиони евра. Приходите по основ на данокот на имот учествуваат во вкупните приходи на општина Охрид со 12,1%.
Преостанатите извори на приходи на општина Охрид имаат збирно учество од 6,1% во вкупните приходи на општината. Тука спаѓаат приходите од продажба на земјиште со учество ов 3%, приходи од домашно задолжување со учество од 1,7% и приходите од донации од странство со учество од 1,4% во вкупните приходи.

Структура на расходите


На другата страна на општинскиот буџет се расходите. Важно е каква е нивната структура за да може да се добие претстава за тоа што и колку можат да реализираат општините од работите што се во рамки на нивните надлежности. Структурата на расходите е важна за оценка на способноста и успешноста на општините во извршувањето на нивните надлежности. Анализата на расходната страна на општинскиот буџет дава индикација за тоа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот. Колку подобра е структурата на буџетските расходи на една општина толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добиваат во моментот, но и во иднина, добри општински услуги за поквалитетен живот.
Тековните расходи на општината служат за овозможување на тековно функционирање на општината. Во 2019 година тековните расходи на општина Охрид изнесуваат 725,5 милиони денари, или 11,8 милиони евра, со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 48,4%.
Доминантна ставка во рамки на тековните расходи се расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). Во 2019 година, во случајот на општина Охрид расходите за плати изнесуваат 480,1 милиони денари или 7,8 милиони евра со што нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 32%.
Расходите за набавка на стоки и услуги, како што се комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи се втора најголема ставка на расходната страна на буџетот на општина Охрид. Тие изнесуваа 245,3 милиони денари или 4,0 милиони евра во 2019 година и имаа учество од 16,4% во вкупните расходи на општинскиот буџет.
Третата ставка по големина во структурата на буџетските расходи на општина Охрид се капиталните расходи. Тука спаѓаат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл.. Капиталните расходи ја претставуваат развојната компонента на буџетот и се индикација за идниот развој на општината, па затоа се многу важен дел од буџетот. Во 2019 година општина Охрид потрошила 182,7 милиони денари или 3 милиони евра за капитални расходи. Со тоа, нивното учество во вкупните буџетски расходи на општината е 12,2%.
Сите останати расходи, во кои влегуваат разни трансфери, субвенции за јавни претпријатија, каматни плаќања и сл. Во случајот на општина Охрид тие збирно изнесуваат 591,1 милион денари или дури 39,4% од вкупните буџетски расходи на општината. Ова е невообичаено високо учество на оваа ставка. Доминантна ставка кај групата „останати расходи“ се разните трансфери, во износ од 560 милиони денари.

Задолженост и даночна администрација
Веројатно клучната информација поврзана со финансиското работење на општината Охрид е дека нејзината сметка е континуирано блокирана од 2005 година наваму. Ова е огромен ограничувачки фактор за развој на општината, кој веројатно не е многу познат на пошироката јавност. Согласно информациите од општината, моментно долгот изнесува 470 милиони денари. Тоа упатува на заклучокот дека е потребен голем напор за разрешување на овој проблем.
Во однос на оценката за даночната администрација, се користат неколку показатели. Еден е износот на сопствените приходи по жител како показател на фискалниот капацитет и даночниот напор на општината. Во случајот на општина Охрид вредноста на овој износ е 11.898,4 денари и е повисока од соодветната кај некои од досега анализираните општини.
Друг показател за даночната администрација е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Овој индикатор го покажува даночниот напор на општината и ефикасноста во наплатата на даночните приходи. Во 2019 година општина Охрид наплатила 906.597,7 денари по вработен во општинската администрација што е исто така повисока вредност во споредба со други анализирани општини.
Во поглед на соодносот на реализирани и планирани даночни приходи, во 2019 година општина Охрид успеала да наплати повеќе од планираното. Натфрлањето е во износ од 8,2 милиони денари или 133,4 илјади евра. Изразено процентуално, наплатени се даночни приходи за 4,4% повеќе од планираното.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано