Советот на Општина Гевгелија во изминатиов период ги артикулираше барањата на граѓаните, а одлуките кои се носеа претставуваа нивни потреби, желби, очекувања за подобар живот. Заштитата на животната средина, уредувањето на јавниот простор, отворената комуникација со граѓаните со непосредна вклученост на седниците на Советот, транспарентноста, претставуваат одлика на општината во изминатиов период.
Ковид пандемијата направи многу проблеми во функционирањето на општината, а особено во зголемувањето на невработеноста. Стопанството е непосредно погодено, Гевгелија како погранично место е насочена кон транзитниот, услужниот, бањскиот туризам (казино туризам, угостителство, стоматолошки услуги итн.) и дел од вработените од овој сектор останаа без работа поради затворање на границата со Република Грција и намаленото транзитирање низ државава.
Имајќи ја предвид здравствената ситуација, Советот донесе одлука со која додели грант финансиски средства на Општа болница Гевгелија за изградба на дневен центар за третман на ковид заразени граѓани.
Како Општина и Совет секогаш сме отворени кон стопанствениците за носење одлуки кои ќе придонесат за развој на бизнисите, а воедно и подобар живот на самите граѓани.
Се надеваме дека во најскоро време ќе излеземе од здравствената криза и граѓаните на Општина Гевгелија повторно ќе можат да го живеат животот како до пред кризата.







