Буџетот на општина Гевгелија
Движења, трендови, показатели

За да обезбеди соодветна застапеност на општините, проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“ вклучува 15 локални самоуправи, по две од секој плански регион и градот Скопје. Дополнително, вклучени се општини со различна големина, со различен етнички состав, општини во рурални и урбани средини, општини во погранични подрачја. Во овој број го анализираме буџетот на една општина што се наоѓа во погранична област – општина Гевгелија.
Како и во претходните случаи, анализата се потпира на податоците за 2019 година со цел да се избегне ефектот од пандемијата врз финансиите на локалните управи во земјата. Користиме јавно достапни податоци и податоци добиени од општината Гевгелија.
Анализата се потпира на методологија која користи дефинирана листа на индикатори, групирани во поодделни групи што се однесуваат на големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината, задолженоста и даночната администрација, а се задржуваме и на структурата на приходите и структурата на расходите.


Големина на локалната самоуправа
Големината на локалната самоуправа е стартната точка во анализата. Таа се оценува преку неколку индикатори.
Првиот индикатор е соодносот на вкупните расходи на општината по жител. Во 2019 година вкупните расходи на општина Гевгелија, во кои се вклучени реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите, изнесуваат 549,6 милиони денари, или 8,9 милиони евра. Истовремено, во општината живеат 22.556 лица. Оттука, во 2019 година вкупните расходи на општина Гевгелија по жител се 24.367 денари.
Вториот индикатор за големината на локалната самоуправа е соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината. На крајот од 2019 година во општинската администрација на општина Гевгелија работеле 80 лица. Следствено, на секој жител на општината отпаѓаат 0,0035 вработени во локалната администрација, односно на секои 1.000 жители на општина Гевгелија има 3,5 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Следен чекор во анализата на буџетот на локалната самоуправа е оценката за нејзината даночна автономија. Таа ни покажува колку е финансиски независна локалната самоуправа. За таа цел, кај оваа група индикатори користиме четири индикатори.
Прв индикатор во оваа група е процентуалното учество на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Како сопствени приходи на општината тука се земаат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што општините им ги даваат на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија, итн.) локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надомест за уредување на градежно земјиште, надомест за просторни и урбанистички планови, и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати, и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Сопствените приходи на општина Гевгелија во 2019 година изнесуваат 165,6 милиони денари или 2,7 милиони евра. Во вкупните расходи на општината нејзините сопствени приходи учествуваат со 30,1%, што покажува дека општината има релативно низок степен на фискална автономија затоа што со сопствени средства финансира помалку од една третина од нејзините вкупни буџетски расходи.
Втор индикатор за даночната автономија е процентуалното учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината. Во даночни приходи влегуваат приходите по основ на даноци на имот, но и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Општина Гевгелија во 2019 година остварила даночни приходи во износ од 42,2 милиони денари или 0,7 милиони евра. Тоа претставува учество на даночните приходи во вкупните расходи на општината од 7,7%.
Трет индикатор е процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината. Неданочните приходи ги вклучуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци, како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци. Во неданочните приходи се вклучуваат и тн. даноци на специфични услуги кои всушност се однесуваат на наплатениот надомест за уредување на градежното земјиште. Општина Гевгелија во 2019 година остварува неданочни приходи во износ од 94,5 милиони денари, или 1,5 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината изнесува 17,2%.
Четвртиот индикатор за даночната автономија е учеството на фискалните трансфери од други нивоа на власт во вкупните расходи. Во случајот на општина Гевгелија, во 2019 година овие трансфери изнесуваат 330,7 милиони денари, или 5,4 милиони евра. Следствено, фискалните трансфери од други нивоа на власт учествуваат во вкупните расходи на општина Гевгелија со високи 60,2%. Тоа значи дека постои значителен т.н вертикален фискален дебаланс, односно општината и нејзиното функционирање се зависни од трансферите од други нивоа на власт.

Структура на приходите


Структура на приходите на општина Гевгелија (2019 год.)

Анализата на структурата на буџетските приходи треба да покаже кои се главните извори на приходи на општината. Од структурата на приходите на општинскиот буџет може да се согледа тековната финансиска поставеност, но и финансиската одржливост на локалната самоуправа. Сето тоа е важно заради потребата да се обезбедат доволно финансиски средства за извршување на активностите на општината, кои се бројни и разновидни, и вклучувуваат активности поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, противпожарната заштита, урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, заштитата на животната средина, итн.
Структурата на приходите на општина Гевгелија е прикажана во графиконот 1.
Најголем извор на приходи во буџетот на општина Гевгелија, како и во сите досега анализирани општини, се трансферите од други нивоа на власт (централната власт), Нивното учество во вкупните приходи на општината изнесува 60,2%.
Втор најголем извор на приходи на општината се неданочните приходи. Во 2019 година тие изнесуваат 94,5 милиони денари или 1,5 милиони евра, со што нивното учество во вкупните приходи на општината е 17,2%.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на општина Гевгелија се приходите од домашно задолжување. Во 2019 година тие изнесуваат 53,3 милиони денари или 0,9 милиони евра, со што учеството во вкупните приходи е 9,7%.
Дури четврт најголем извор на приходи на општината се даночните приходи. Нивното учество во вкупните приходи на општината е 7.7% во 2019 година. Во тие рамки, прибраниот данок на имот, кој во 2019 година изнесува 36.1 милион денари, или 0,6 милиони евра, учествува со 6,6% во вкупните приходи на општината.
Преостанатите приходи во буџетот на општина Гевгелија доаѓаат од два извори на средства. На продажба на земјиште отпаѓаат 3,2%, а на донации од странство 2,1% од вкупните буџетски приходи на општината.

Структура на расходите

Структура на расходите на општина Гевгелија (2019 год.)

Ако структурата на приходите упатува на изворите на финансирање, финансискиот капацитет и финансиската одржливост на општината, структурата на расходите во буџетот упатува на заклучоци за начинот на употреба на прибраните финансиски средства. Структурата на буџетските расходи на општина Гевгелија е прикажана во Графиконот 2.
Ако ставката тековни расходи ја набљудуваме раситнета на составните делови тогаш општина Гевгелија е првата анализирана општина во која капиталните расходи се најголемата расходна ставка во буџетот на општината. Во 2019 година капиталните расходи изнесуваат 213 милиони денари или 3,5 милиони евра. Со тоа, нивното учество во вкупните буџетски расходи достигнува значителни 38,7%. Ова е добро за општината и за нејзините граѓани, бидејќи капиталните расходи ја претставуваат развојната компонента на буџетот и се индикација за идниот развој на општината. Тие ги вклучуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл..
Следна ставка по големина на расходната страна на буџетот на општина Гевгелија се расходите за плати кои ги вклучуваат расходите за основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања. Во 2019 година општина Гевгелија за овие расходи потрошила 192,7 милиони денари, или 3,1 милиони евра, со што учеството на расходите за плати изнесува 35,1%. Инаку, тековните расходи на општината, во чии рамки расходите за плати се само еден дел, изнесуваат 302,8 милиони денари, или 4,9 милиони евра и имаат учество од 55,1% во вкупните расходи на буџетот на општината.
Трета ставка по големина на расходната страна на буџетот на општина Гевгелија се расходите за стоки и услуги. Тука влегуваат расходите за комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. Во 2019 година овие расходи изнесувале 109,6 милиони денари, или 1,8 милиони евра и учествуваат со 19,9% во вкупните буџетски расходи.
Останатите расходи, во кои се вклучени разни трансфери, меѓу кои и трансфери до невладини организации, како и отплата на главнина, во 2019 година изнесуваат 34,3 милиони денари, односно 6,3% од вкупните буџетски расходи на општината

Задолженост и даночна администрација
Согласно информациите од општина Гевгелија, сметката на општината не е блокирана во периодот 2017-2021 година. Општината има краткорочен долг од 50 милиони денари, од кои 30 милиони денари отпаѓаат на долг кон јавно комунално претпријатие основано од општината. Долгорочниот долг на општината изнесува 90 милиони денари и произлегува од крадитни обврски за водоснабдителниот систем и доградба на училници.
Што се однесува до даночната администрација, за нејзина оценка се користат неколку показатели. На пример, како показател на фискалниот капацитет и даночниот напор на општината се користи соодносот на сопствените приходи по жител. Кај општина Гевгелија вредноста на овој коефициент е 7.338,2 денари.
Друг показател за даночната администрација е и износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Кај општина Гевгелија овој показател е 527.093 денари по вработен. Тој покажува дека општина Гевгелија покажала поголем даночен напор и ефикасност во наплатата на даночните приходи од некои досега анализирани општини.
Трет показател е соодносот на реализирани и планирани даночни приходи. Во 2019 година општина Гевгелија остварила за 88,3 милиони денари, или за 13,9% помалку приходи од планираното. Од тоа, повеќе од половина или 45,2 милиони денари се помалку добиени трансфери од централната власт од планираните.
Во поглед на бројот на единици од кои се наплаќа данок на имот, тој се наплаќа од 6.529 куќи или станови во кои се живее, 1.539 во кои не се живее, 1.165 деловни простории, итн.


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано