Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Гостивар остварува континуиран напредок во своето работење?
А.Таравари: Овие три и пол години успеавме да направиме клучни работи во нашата општина и да обезбедиме континуирани и зголемени инвестиции во повеќе области. Граѓаните го почувствуваа тоа, а резултатите зборуваат самите по себе. Инсталиравме околу 65 км нова канализациска мрежа со комплетно нова канализација во шест села во Општина Гостивар, околу 40 км нова водоводна мрежа со современи водоводни цевки, асфалтирани се околу 35 км патишта низ градот и селата во општината, пуштени се во употреба пет нови градинки, реновирани 10 училишта, располагаме со три нови, современи, фудбалски терени и спортско-рекреативен центар, имаме 15 детски катчиња, три младински центри во кои функционираат стартап простори за млади претприемачи, како и центри за едукација и усовршување на кадри потребни за локалните бизниси во Гостивар. Имаме велосипедски патеки од три км, 2 центри за третман на кучиња скитници, создадовме зелени површини низ градот и селата во општината, сменети се над 12 илјади обични сијалици со современи лед светла.
Горд сум што ги соопштувам овие резултати кои не се само бројка за мене. Овие податоци зборуваат за подобар и посовремен живот, граѓаните го заслужуваат тоа.
Сите овие резултати во исто време ја позиционираат општината меѓу најтранспарентните и најуспешните. Морам да бидам реален и да укажам дека резултатите се постигнати и покрај тоа што, како единствена опозициска урбана општина, наидувавме на препреки и на опструкции од централната власт.
Огромна помош добивме и од повеќе амбасади во нашава држава, пред сè од Швајцарија, потоа од САД, Германија, Велика Британија, Турција, Холандија, Јапонија и други кои вистински нè помогнаа во овој период.
Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Гостивар? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?
А.Таравари: Мислам дека Македонија е најцентрализирана држава во Европа, а оттука почнуваат сите проблеми во успешното и ефективно функционирање на локалната власт. На пример, во нашата општина не е завршена ниту втората фаза на децентрализацијата. И покрај тоа што декларативно сите влади во РСМ од 2006 година наваму велат дека треба да се дадат поголеми ингеренции на локалната власт, оттогаш работите не се поместени нималку. А, за жал, сите влади се обидуваат да ги држат сите конци во свои раце со цел на таков начин да имаат поголемо политичко влијание врз сите општини каде што владеат. Со тоа паралелно се движи и трендот да се попречи работата во општините кои не се под нивно управување.
За тоа колку сме неефикасни во однос на локалниот економски развој ќе ви илустрирам со еден пример. Доколку некој инвеститор дојде во општината и сака да инвестира, речиси ништо не зависи од нашите ингеренции. Ние ги упатуваме по министерствата, а тие никогаш не се враќаат во нашата администрација. Не би сакал да размислувам низ призма на предрасуди, но мислам дека многу такви инвеститори беа спречени од централната власт, а можеби и пренасочени кон некоја друга општина.
Редно е децентрализацијата да се случи на реално ниво во нашава држава, а не само на декларативно.
Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?
А.Таравари: Погоре споменав, мислам дека децентрализацијата е императив на времето, и мора да се случи час поскоро. Со тоа ќе се овозможи реален и добар локален развој бидејќи централната власт никогаш не може да знае повеќе од локалната власт за она што е неопходно за развој на одредена општина.

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
А.Таравари: Ако земеме предвид дека фискалната децентрализација, пред сè, претставува пренесување на одговорностите за јавните услуги од ресорните министерства на единиците на локалната самоуправа и овластување на ЕЛС да собираат приходи од сопствени извори за финансирање на тие услуги, логичен одговор на прашањето ќе беше дека поголемата децентрализација би им помогнала на општините. Но, ако се осврнеме на процесот на децентрализација во образованието, кој беше спроведен во фази, ќе видиме дека има многу проблеми. Ќе споменам само некои.
При преземањето на надлежностите, општините се соочија со многу лоша образовна инфраструктура. Во првата фаза на децентрализацијата, општините добиваа наменски дотации од централната власт наменети за тековно одржување на училишта, што вклучуваше трошоци за одржување, греење и транспорт на учениците од основното образование. Секако дека средствата не беа доволни за некои посериозни санации или уредување на инфраструктурата која беше во многу лоша состојба.
Во втората фаза општините добиваат блок дотации за платите на вработените, но има многу нејаснотии кога станува збор за капиталните инвестиции во образованието, особено кога некои одлуки за реновирање на училиштата се носат на централно ниво, без координација со локалната власт која, всушност, ја има надлежноста. Понатаму, за воведување нови струки во средното стручно образование мора да се добие согласност од централната власт.
Нерешените сопственички права на училишните објекти и земјиштето околу објектот претставуваат посебен проблем, посебно при комуникација со странските донатори.
Но, за да не биде дека сè е негативно во процесот на децентрализација на образованието, ќе споменам некои позитивни примери, како на пример директната комуникација со странските донатори што овозможува директни инвестиции, управување со училиштата преку училишните одбори и начинот на избор на орган на управување − директор со што се обезбедува значајно влијание на општината во постапката.
Дали има нешто што самата Општина Гостивар може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
А.Таравари: Иако реализацијата на буџетот, како во делот на приходите, така и во делот на расходите, во последниве години е на многу високо ниво (тука зборуваме за реализација над 95 %), секогаш има простор за подобрување.
Ако ги анализираме приходите, би се осврнал најмногу на сопствените приходи на општината, а може да се види дека сопствените приходи учествуваат со 15 до 16 % во однос на вкупно реализираните приходи на општината. Оттука можеме да заклучиме дека нашата општина многу зависи од трансферите од централната власт (како и најголем процент од сите општини во нашава држава), односно најголем процент од реализираните приходи се од блок дотации, средствата наменети за образование (основно и средно), како и за противпожарна заштита и за градинките.
Но, исто така, ако ги споредиме реализациите на тековните приходи и на капиталните приходи со тековните расходи и капиталните расходи, ќе воочиме дека тековните приходи се повисоки од тековните расходи и, спротивно, капиталните приходи се пониски од капиталните расходи. На што укажува оваа анализа? Укажува на тоа дека со намалување на таканаречените нефункционални (тековни) расходи еден дел од тековните приходи може да се насочи кон реализација на повеќе капитални инвестиции од тоа што може да се покрие со капиталните приходи.
Нашата цел е и во иднина да продолжиме со намалување на нефункционалните (тековните) расходи со цел да се зголемат капиталните инвестиции во нашава општина.
Каква е комуникацијата на Општина Гостивар со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?
А.Таравари: Прво, што се однесува до граѓаните, сакам да кажам дека подготовката на општинскиот буџет започнува уште во летните месеци со мојата посетa заедно со екипата на сите месни заедници на територијата на општината. На тие посети собираме информации од типот на она што е потребно да се инвестира во месните заедници. Потребите и барањата ги регистрираме директно од граѓаните. Морам да напоменам дека барањата се секогаш повеќекратно повисоки од реалните можности на општинскиот буџет. По утврдувањето на барањата и на потребите, општинската администрација ги разгледува реалните можности за проектите што ќе можат да се реализираат. Потоа повторно се одржуваат состаноци преку месните заедници за да се утврдат приоритетните проекти пред конечно да бидат вклучени во буџетот. Барањата и проектите кои нема да бидаат опфатени со тој буџет не се бришат, туку се ставаат во развојната програма.
Како второ, развојната програма, пред да оди нагласање во Советот, се става на јавна дебата со граѓаните. Бројот на денови за јавна дебата зависи од заинтересираноста на граѓаните, но никогаш помалку од два дена. По јавната дебата, развојната програма се доставува до Секторот за финансиски прашања за подготовка на буџетот. Како и за развојната програма, така и за буџетот, пред да се испрати до советниците за разгледување, се организираат јавни дебати со граѓаните.
Како поткрепа дека овие дебати не се само проформа можам да ви потврдам дека за секој буџет имало предлог што произлегол од дебатите со граѓаните, кој бил вклучен во конечната верзија на буџетот. Значи, по дебатите имало промени на првичната нацрт-верзија.
Имаме одлична соработка со меѓународниот фактор. Успешно се реализирани проекти финансирани од УНДП, Светската банка итн.
А што се однесува до граѓанскиот сектор, во периодот 2018−2020 година, реализацијата на трансфери до невладиниот сектор просечно изнесувала 1 536 денари по глава на жител, односно ако споредиме со просекот 2014−2016 година, кој изнесува 48 денари по глава на жител, имаме раст за повеќе од 200 % во овој дел. Нормално, и во иднина ќе продолжиме со силна поддршка од невладиниот сектор.
Морам да напоменам дека, освен гореспоменатото, постојаните состаноци како со претставници на меѓународната заедница, така и со академската фела, невладиниот сектор и месните заедници, ни даваат насоки за успешно работење што се потврдува и со разни анкети.
Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Гостивар?
А.Таравари: Како што веќе споменав, нашата цел ќе биде зголемување на приходната страна за да може да се зголеми финансискиот капацитет на општината и со самото тоа да се зголемат и капиталните инвестиции во општината.
Прашањето е како планираме да ги зголемиме приходите, а со самото тоа и да се обезбеди здрава основа на функционирање на општината.
Одговорот ќе го поделам на два дела.
Првиот дел е делот кој целосно зависи од општината и од општинската администрација, а тоа е да се зголемат приходите врз основа на данокот на имот. За да се оствари овој дел треба да се направи целосно ажурирање на базата на податоци на даночните обврзници, што секако не е лесна задача и ќе претставува голем предизвик за нас и второто е зголемување на процентот на наплата.
Вториот дел е нешто што веќе подолго се дискутира, а тоа е да се зголеми процентот што отпаѓа на поврат на ДДВ до ЕЛС во нашава држава. Значи, наместо од сегашните 4,5 % од реализираниот ДДВ од претходната година кои се распределуваат до ЕЛС, тој процент да се зголеми. Со неговото зголемување, општините ќе добијат поголема сигурност и поздрава основа за иднина.
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)










