Сметам дека Општина Велес има голем потенцијал да се трансформира во отворена општина за сите граѓани. Централната местоположба на Велес, добрата патна и железничка инфраструктура, близината на аеродромот, нудат одлични можности за развој на локалната економија и инвестирање од странските инвеститори. Доколку општината донесе и имплементира одлуки со кои би ги стимулирала инвеститорите, а со тоа би ја подобрила економската клима, стандардот на нашите сограѓани би бил подобар. Одделни ограничувања би биле оттргнати доколку се имплементира третата фаза од децентрализацијата. Граѓаните треба да бидат креатори на програмите, на приоритетите и на буџетот на општината. Во исто време, тие треба да бидат и коректори на градоначалникот и на советниците. Долги години наназад беше правена поделба на граѓаните по секаква основа. Само со искрен пристап кон сите граѓани без разлика на политичка, верска и национална определба може да се изгради општина по мерка на сите граѓани. Доколку се создаде здрава политичка клима може заеднички да се изгради општина за сите граѓани.







