Уште од VI век и почетоците на постоењето на Велес, неговота местоположба е исклучително значајна и овој континуитет продолжува и денес. Тој се наоѓа во централниот дел на Македонија каде што се вкрстуваат автопатските и железничките коридори север−југ и исток, а аеродромот е на само 30 км оддалеченост. Заедно со патната поврзаност, езерото Младост како главна транзициска станица и реката Вардар која поминува низ градот се основните предуслови кои ги има Велес за економски и индустриски подем.
Како град на културата и лулка на македонската идентитетска препознатливост, првото училиште на македонски јазик, првиот театар, библиотека, музичко училиште и првата гимназија се привилегија и предуслови на Општина Велес со кои таа може да им ја врати на своите граѓани гордоста и културниот просперитет.
Покрај искористувањето на горенаведениве предуслови, треба плански, структурно и поефективно да се менаџира со јавните претпријатија со цел да се подобрат јавните услуги и добра и да се унапредат мерките за заштита на животната средина. Воедно треба да се зголеми учеството на бизнис-секторот, на граѓанските организации и на самите граѓани кои ќе се вклучат во креирање на активностите преку урбаните и руралните месни заедници, донесување на одлуките и регулирање на надлежностите на општината.







