Буџетот на Општина Велес – Движења, трендови, показатели

Oпштина Велес е една од 15-те локални самоуправи вклучени во проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“. Заради рамномерен опфат на проектот вклучени се по две локални самоуправи од секој плански регион и градот Скопје. Исто така обезбедена е разновидност преку вклучување на локални самоуправи со различни карактеристики како што се општини со различна големина во рурални и урбани средини, општини со различен број на жители и различен етнички состав на населението, општини во погранични подрачја итн.
При анализата на буџетот кај сите вклучени општини се користат податоците за 2019 година. Целта е двојна. Прво, да се избегне ефектот од пандемијата во 2020 година врз финансиите на локалните управи во земјава. Второ, да се обезбеди споредливост на податоците со сите општини кои беа вклучени во проектот во период кога имаше податоци за 2019 година, но не и за 2020 година. Ваквата споредливост е неопходна за завршната групна анализа на општините. Инаку се користат податоци што се јавно достапни или се добиени од конкретните општини.
При анализата се користи однапред дефинирана методологија што вклучува листа на индикатори групирани во поодделни групи. Покрај структурата на приходите и расходите во буџетот на општината, индикаторите се однесуваат на големината на локалната самоуправа, даночната автономија на општината итн.


Големина на локалната самоуправа
Големината на локалната самоуправа се оценува според два индикатора: обемот на вкупните расходи по жител и бројот на вработени во локалната самоуправа по жител.
Во однос на првиот индикатор, од една страна, според последните расположливи податоци од пописот од 2002 година, бројот на жители во Велес е 55 108 лица. Од друга страна, вкупните расходи на општината во 2019 година изнесуваа 739,5 милиони денари или 12 милиони евра и во себе ги вклучуваат реализацијата на основниот буџет, самофинансирачките активности, дотациите и донациите. Следствено, во 2019 година вкупните расходи на Општина Велес по жител се 13 418,3 денари или 218,2 евра.
Соодносот на бројот на вработени во администрацијата на општината и бројот на жителите на општината го одредува вториот индикатор за оценка на големината на локалната самоуправа. На крајот од 2019 година, во општинската администрација на Општина Велес работеле 75 лица. Според овој индикатор, на секој жител на општината отпаѓаат 0,00136 вработени во локалната администрација, односно на секои 1 000 жители на Општина Велес има 1,36 вработени во општинската администрација.

Даночна автономија
Втората група на индикатори содржи четири индикатори за оценка на даночната автономија, односно финансиската независност на општината.
Првиот индикатор е учеството на сопствените приходи во вкупните расходи на општината. Во сопствени приходи на општината влегуваат локалните даноци (данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и права), локалните такси (комуналните такси за услуги и права што им ги даваат општините на правните и физичките лица, и административните такси за поднесување барања и молби, добивање дозволи, уверенија итн.), локалните надоместоци (надоместоци за користење на некое добро од општ интерес, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за просторни и урбанистички планови и сл.), приходите од сопственост (приходите од закупнина, камати и продажба на имот), приходите од донации, приходите од парични казни, приходите од самопридонес и други приходи утврдени со закон. Сопствени приходи на општината се оние што произлегуваат од јавни давачки кај кои општината има дискреција во поглед на нивното утврдување и наплата.
Сопствените приходи на Општина Велес во 2019 година изнесуваат 229,4 милиони денари или 3,7 милиони евра. Нивното учество во вкупните расходи на општината е 31 %. Тоа значи дека нешто помалку од една третина од вкупните буџетски расходи на Општина Велес се финансираат од сопствените приходи на општината. Ова покажува нешто повисока даночна автономија во споредба со други општини.
Учеството на даночните приходи во вкупните расходи на општината е вториот индикатор за даночната автономија на општината. Во даночни приходи влегуваат приходите по основ на даноци на имот, но се вклучуваат и приходите по основ на даноци од доход, добивка и капитална добивка затоа што тие по автоматизам им се префрлаат на општините. Во 2019 година, даночните приходи на Општина Велес изнесувале 55,8 милиони денари или 0,9 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината е 7,5 %.
Процентуалното учество на неданочните приходи во вкупните расходи на општината е третиот индикатор за даночната автономија. Во неданочни приходи влегуваат сите приходи на општината по основ на локални такси и надоместоци како што се такси за користење и дозволи за вршење дејност, глоби и административни такси и други надоместоци, но и т.н. даноци на специфични услуги кои, всушност, се однесуваат на наплатениот надоместок за уредување на градежното земјиште. Неданочните приходи на Општина Велес во 2019 година изнесувале 112,8 милиони денари или 1,8 милиони евра со што нивното учество во вкупните расходи на општината е 15,2 %.
Учеството на фискалните трансфери во вкупните расходи на општината е четвртиот индикатор за нејзината даночна автономија. Во 2019 година, од централната власт на Општина Велес ѝ се трансферирани 545,4 милиони денари или 8,9 милиони евра со што „фискалните трансфери од други нивоа на власт“ учествуваат со високи 73,8 % во вкупните расходи на општината. Фактот дека речиси три четвртини од вкупните расходи на општината се финансираат со пари префрлени од централната власт покажува дека постои висока зависност на финансирањето на општината од централната власт, односно значителен т.н. вертикален фискален дебаланс.

Структура на приходите


Следен елемент на анализата на буџетот на општината е анализата на структурата на нејзините приходи. Природата на работењето на секоја општина налага потреба таа да обезбеди финансиски средства за извршување на бројни активности што влегуваат во нејзините надлежности како што се: активностите поврзани со образовниот процес, со комуналните дејности, со здравствената заштита, со противпожарната заштита, со урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и на градежното земјиште, со поддршката на локалниот економски развој, со заштитата на животната средина итн. Оттука сознанието за структурата на буџетските приходи на општината овозможува да се оцени колку нејзиното финансирање е одржливо на подолг рок и колку таа ќе може да обезбеди средства за своето функционирање.
Во 2019 година, вкупните приходи на Општина Велес изнесувале 774,8 милиони денари или 12,6 милиони евра. Структурата на тие приходи е прикажана во графиконот 1.
Убедливо најголема ставка на приходната страна на буџетот на Општина Велес, со учество од 70,4 % во вкупните општински приходи, се трансферите од други нивоа на власт (централната власт).
Втора најголема ставка на приходната страна на буџетот на Општина Велес се неданочните приходи. Во 2019 година, тие учествуваа во вкупните приходи на општината со 14,6 %.
Трет најголем извор на приходи во буџетот на Општина Велес се даночните приходи. Нивното учество во вкупните приходи на општината изнесува 7,2 %. Најголем дел од даночните приходи доаѓа од наплатата на данокот на имот. Во 2019 година, Општина Велес остварила приходи по основ на данок на имот во износ од 46,1 милион денари или 0,7 милиони евра со што данокот на имот учествува во вкупните приходи на општината со 6 %.
Преостанатите приходи на општината се однесуваат на приходите од продажба на имот и на приходите од донации. Нивното збирно учество во вкупните приходи на општината е 7,8 %. Притоа учеството на приходите од продажба на земјиште изнесува 5,5 % и е приближно исто на учеството на приходите од данокот на имот. Учеството на приходите по основ на донации од странство и тековни донации изнесува 2,3%.

Структура на расходите


Анализата на расходната страна на општинскиот буџет овозможува да се согледа како општината ги користи финансиските средства што ги прибрала во буџетот. Колку подобра е структурата на буџетските расходи на една општина толку поголеми се шансите нејзините граѓани да добијат поквалитетни услуги од општината. Истовремено структурата на расходите на општинскиот буџет дава индикација за тоа колкав дел од финансиските средства што ги има на располагање општината ги насочува кон инвестиции што ќе значат иден развој на општината. Структурата на расходите на Општина Велес е прикажана во графикон 2.
Тековните расходи наменети за тековно функционирање на општината се најголема ставка на расходната страна на буџетот на Општина Велес. Во 2019 година, тековните расходи изнесувале 567,4 милиони денари или 9,2 милиони евра и учествувале во вкупните буџетски расходи на општината со 76,7 %.
Најголем дел од тековните расходи на општината се однесува на расходите за плати (основни плати, придонеси, надоместоци, патни и дневни расходи и привремени вработувања). За оваа намена, во 2019 година Општина Велес имала расходи во износ од 392,4 милиони денари или 6,4 милиони евра со што тие учествувале во вкупните буџетски расходи на општината со 53,1 %.
Втора најголема ставка на расходната страна на буџетот на Општина Велес се расходите за набавка на стоки и на услуги. Тука влегуваат расходите за комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи. За овие намени, во 2019 година Општина Велес потрошила 174,2 милиони денари или 2,8 милиони евра што претставува 23,6 % од вкупните буџетски расходи на општината.
Трета најголема ставка на расходната страна на буџетот на Општина Велес се капиталните расходи. Тие ги вклучуваат расходите за опрема и машини, за градежни објекти, за мебел, за возила и сл. и го претставуваат делот од буџетот што, всушност, е инвестиран во иднината на општината. Во 2019 година, Општина Велес имала капитални расходи во износ од 70,8 милиони денари или 1,2 милиони евра што претставува 9,6 % од вкупните буџетски расходи на општината.
Во случајот на Општина Велес, останатите расходи на општината се повисоки од капиталните расходи. Во конкретниот случај доминантна ставка кај останатите расходи се расходите по основ на разни трансфери, вклучително и трансфери до невладини организации. Во 2019 година тие изнесувале 92,4 милиони денари или 1,5 милиони евра и имале учество од 12,5 % во вкупните расходи на општината.

Задолженост и даночна администрација
Сметката на Општина Велес не била блокирана во текот на 2019 година или во претходните години. Во периодот од 2017 година наваму општината вложила напори да ги редуцира наследените долгови и тоа од сопствени извори. Ова има одраз на структурата на расходите на општината бидејќи го ограничува просторот за капитални расходи.
Во однос на оценката за даночната администрација се користат неколку показатели кои, всушност, го покажуваат напорот на општината и нејзината ефикасност во наплатата на приходите.
Еден показател е износот на сопствените приходи по жител. Кај Општина Велес сопствените приходи по жител во 2019 година се 4 163 денари и се повисоки во споредба со некои други досега анализирани општини.
Друг показател за даночната администрација е износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација. Во случајот на Општина Велес, во 2019 година износот на даночни приходи по вработен во општинската администрација е 744 286 денари. Индикаторот има повисока вредност во споредба со некои други досега анализирани општини.
Слична информација како и претходниот индикатор нуди соодносот на неданочните приходи по вработен во општинската администрација. Во 2019 година, Општина Велес наплатила неданочни приходи во износ од 2 046,3 денари по вработен.
Како показател на ефикасноста на даночниот напор на општината може да послужи и соодносот на реализирани и планирани даночни приходи. Ова се базира на тоа дека општината ја знае даночната основа од која наплаќа, а со тоа може да ги планира своите даночни приходи, па според тоа планираните даночни приходи би требале да бидат одраз на потенцијалните даночни приходи. Во 2019 година, Општина Велес реализирала даночни приходи кои биле повисоки од планираните за 1,8 милиони денари или за 3,4 %.


(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г)
(дел од проектот „МОЈАТА ОПШТИНА – ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“)
(Проектот се реализира преку Форумот за разумни политики и е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка)

Најчитано