Вукиќевиќ: Општината може и понатаму да смета на поддршката од „Тиквеш“

Долгорочната развојна стратегија на „Тиквеш“ се темели на континуирани инвестиции и иновации во сите сегменти на производството со кои ќе се зацврстат и ќе се унапредат пазарните позиции на винарницата и ќе ѝ овозможат од најпознат регионален вински бренд да прерасне во еден од познатите светски производители на висококвалитетни вина. За остварување на ваквата стратешка цел секако од големо значење е комуникацијата и соработката со сите клучни чинители каде што, секако, спаѓаат институциите на државно и локално ниво. Конкретно, во досегашната реализација на плановите за одржлив развој, „Тиквеш“ во континуитет остварува добра комуникација и соработка со Општина Кавадарци, која е поставена на принципиелни, професионални и партнерски основи.
Гледајќи кон иднината сметаме дека посебен акцент во активностите и развојните планови на општината треба да се стави на едукацијата и на поддршката, особено на младите, да се вклучат во современите текови на развој на земјоделството. Во овој дел, поддршката би можела да биде во насока на стимулирање за воведување иновации и нови технологии во процесот на земјоделското производство. На таков начин би се креирале нови перспективи за младите да останат да живеат и да работат во своето родно место и би се засилил трендот на враќање на оние кои порано се иселиле од оваа општина и регион. Дополнително треба да се вложат напори во едукација и обука на постојните фармери во насока на развојот на органско производство и следење на пазарните трендови во земјоделството, како и во развојот на руралниот туризам преку поголемо искористување на можностите што ги нуди местоположбата на општината, нејзините природни убавини и долгата винска традиција. Секако, општината треба и понатаму да продолжи со вложувањата во развојот на локалната инфраструктура која е предуслов за натамошен економски и севкупен локален развој. Во реализацијата на сите активности кои ќе овозможат натамошно унапредување на квалитетот на животот и просперитет на луѓето и на локалната заедница, општината може и понатаму да смета на поддршката од „Тиквеш“.

Повеќе од истиот автор

Најчитано