Кујунџиев: Нема да згрешам ако кажам дека Кавадарци е најразвиена и најуспешна општина по главниот град

За која био општина претставува огромна предност кога имате големи и успешни компании кои ја движат локалната, но и националната економија, а притоа се и големи работодавачи каков што е примерот со Еуроникел индустри. Во таа насока Кавадарци се истакнува пред многу други општини, па нема да згрешам ако кажам дека Кавадарци е најразвиена и најуспешна општина по главниот град. Секако, овде приоритетно значење имаат локалните власти и начинот на кој тие стопанисуваат со општествените приходи. Ќе констатирам дека во изминатиов период Кавадарци доживува урбанистичка и инфраструктурна ренесанса, на задоволство на сите граѓани, а од друга страна, со растот на компаниите, со растот на општината, растат и потребите за натамошен развој. За овој развој да биде одржлив, а растечкиот тренд да продолжи, исклучително е важно општината да ги следи и да ги поддржува потребите на своите економски субјекти за тие и натаму да можат да продолжат со своето работење и да продуцираат нови инвестиции, а со тоа и зголемени приходи за општината. Само како пример овде ќе ја споменам обиколницата од Марена до западниот излез на Кавадарци, која е неопходно инфраструктурно решение кое значајно ќе ги подобри транспортните услови во општината, а ќе се решат бројни сообраќајни недостатоци. Уште еден пример е долгоочекуваната гасификација која, пред сè, е проект од национален карактер и интерес, но општините што побрзо ќе се гасифицираат не само што ќе ги подобрат работните услови на постоечките инвеститори (а со тоа и ќе ги мотивираат) туку и ќе привлечат и нови. Во таков случај, придобивките се повеќекратни, се отвораат нови перспективи и за компаниите и за граѓаните, се подобруваат условите за работење, а со тоа се подобрува и квалитетот на живеење.

Повеќе од истиот автор

Најчитано