Во изминативе четири години, во Штип се реализираа голем број капитални проекти и се решија многу проблеми со кои штипјани секојдневно се соочуваа.
Процентот на реализирани проекти дополнително би се зголемил доколку како општина не се соочевме со редица административни пречки, неревидирани проекти, како и несервисирани долгови на општината кои, за „момент“, знаеја да ја испразнат општинската каса и да ги пролонгираат роковите.
Административните процедури често знаат да ги пролонгираат роковите за реализација, што создава разочарување кај граѓаните и чувство дека се измамени од страна на локалните власти. Токму затоа при планирањето потребно е детално да се разгледаат сите аспекти, проблемите и предизвиците со кои може да се соочат општината и јавните претпријатија при реализацијата, како и да се има координиран пристап во работата.
Мултисекторскиот пристап, како и ефективната и ефикасна соработка меѓу институциите на локално, но и на централно ниво е клучна за непречено функционирање и развојот на општините.
Вклученоста на граѓаните во процесот на планирање, како и нивна едукација за тоа кои се надлежностите на општината и фактот дека општинската каса има свои ограничувања би ни помогнале да создадеме проекти и програми кои се реални и остварливи, а ќе донесат бенефит за општината.





