Витаминка повторно е дел од најголемото саемско случување, АНУГА 2021, што се одржува во Келн, Германија. Компанијата изложи голем дел од својот асортиман, во групата кондиторски производи, посебно производите што се наменети за странските пазари. АНУГА е водечки светски саем за индустријата за храна и пијалаци, со уникатен концепт што овозможува максимално деловно влијание за учесниците. „Со присуството на врвни одлучувачи, АНУГА е тренд барометар за глобалната прехранбена индустрија и затоа да се биде дел од ова случување значи многу затоа што врз искуствата, знаењата и контактите стекнати тука се гради целата развојна стратегија на компанија, а уште повеќе е значајно за нас по минатогодишното отсуство”, вели Љупчо Велески, директор на Извоз во Витаминка. Освен кондиторскиот сектор, АНУГА претставува саем на 10 различни концепти на храна, вклучувајќи леб и печива, разладена и свежа храна, кулинарски концепти, млечни производи, пијалаци, замрзната храна, топли пијалаци, месо и органски производи. Има приближно 8 000 изложувачи од стотина земји од целиот свет, а ја посетуваат над 170 илјади посетители.






