Очекувам дека 2022 година ќе ја живееме во „интересни времиња“, соочени со предизвици и неизвесност. Особено силен удар очекувам врз домашната прехранбена индустрија и тоа како кај примарните производители, така и кај преработувачите. Оваа дејност кај нас има висок степен на увозна зависност и следствено многу малку можност за влијание врз влезните трошоци кои зависат од берзанските цени. Најголем предизвик ќе биде обезбедувањето одржливост на бизнисите при галопирачката цена на електричната енергија за која, во моментов, се чини ниту вселената не е лимит. Ако овој тренд потрае подолго од очекувањата, веројатно ќе настанат неповратни несогледливи последици. Тоа налага ургентно да се излезе во пресрет на предлозите за алтернативни решенија за да се дојде до поевтина енергија за компаниите, со двојна цел: заштита на стандардот на потрошувачите и истовремено одржливост на бизнисите. Сепак, нема кревање бело знаме, ќе продолжиме со напорите да опстанеме и да ја задржиме основата за развој.







