Аеродром има потенцијал да стане најразвиена општина во Скопје и пошироко. Имајќи ги предвид и досегашното искуство со претходните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, како и почетокот од мандатот на Муцунски, не сум оптимист дека ваквиот потенцијал ќе биде искористен. Секогаш кога со Аеродром управува ВМРО-ДПМНЕ парите на граѓаните се трошат на неразвојни проекти, а деталните урбанистички планови се во функција на интересите на урбаната мафија наместо да се насочат кон хуманизација на просторот и унапредување на условите за живот. Новите згради во Стар Аеродром кај некогашните воени бараки, зградите во Мичурин, кафеаната во ОУ „Блаже Конески“, зградата кај Мајчин дом… се само последица на таквиот однос кон општината. Не очекувам дека ќе биде поразлично и со Муцунски кој, судејќи по неговиот старт, планира со евтина пропаганда да ги покрива и сопственото незнаење, но и отуството на визија за развојот на Скопје кај Арсовска (евидентно по односот кон БРТ и довршувањето на мостот на АСНОМ). Оттука очекувам справувањето со секојдневниот сообраќаен метеж, недостатокот од зеленило, недостатокот на градинки, слабиот локален економски развој, како последици на лошото управување со општината и градот, да бидат предизвиците со кои ќе мораме да се соочиме во претстојниот период, пред сè како граѓани кои живеат со овие предизвици, а потоа и како опозиција во Советот.





