Покрај осовременување и дигитализација на тековните услуги кои по закон се во надлежност на локалната власт, општината треба да посвети повеќе внимание на развојни проекти од директна корист за населението, како и инфраструктурни решенија на територијата на целата општина. Но, главен предизвик на овој советнички состав треба да биде спречувањето на „белата чума“ и одливот на квалитетни кадри, појава што, за жал, не го одмина ниту Аеродром.
Партиската стратегија во ВМРО Народна партија ја градиме на девизата − патриот денес е оној кој ќе го намали иселувањето од Северна Македонија. Во тој контекст, индивидуата е секогаш на прво место и преку реализирани поединци добиваме поквалитетна заедница. Затоа ќе се залагам општината да го поддржи креативниот дух кај младите со помагање на стартап компании и мали бизниси. Општинскиот буџет треба да биде што повеќе насочен кон поддршка и директно субвенционирање на почетни мали бизниси со што ќе ги задржиме способните програмери, доктори, економисти, занаетчии итн. Од големо значење е и зголемување на субвенциите за новороденче, прваче и слично, како и квалитетни услови за спроведување на образовниот процес.
Со усвојување на вакви конкретни мерки, Аеродром ќе го задржи епитетот општина на младите.





