По повеќе децении, конечно доаѓа време кога на интернет богатите, позерите или различните ќе може легитимно да се истакнат…
О не, немам намера да пишувам за некое ново поскапување на цени, за нов трошок, за 5G, за некои нови уреди или сл. Не, интернетот си останува ист, каков што го знаеме, достапен можеби и повеќе отколку што навистина ни треба. Немам намера да пишувам за позерите на Инстаграм со „фејк“ слики и изнајмени или туѓи автомобили. Она за што навистина сакам да зборувам е дигиталната содржина и нејзината вредност.
Досега често, и кога не треба и кога треба, се однесуваме како сè што е на интернет да им припаѓа на сите, како да може секој да го користи, да го преправа, доправа на еден или друг начин и да профитира од тоа. Едноставно е, ќе си пребараш на Гугл, ќе си најдеш слика и ќе си ја искористиш, без притоа да се грижиш за авторските права и сл.
Не дека е тоа паметно или добро, ама така нè научи оваа мрежа, така некако се разви, нецелосно, недовршено. Но, во меѓувреме оние кои почнаа да живеат од содржината која ја креираат таму, кои почнаа да ја монетизираат додадената вредност која ја имаат благодарение на својата заедница на почитувачи, следачи или едноставно гледачи, бараа начин како да го наплатат тоа. Тие со нетрпение бараа начин како дигиталните парчиња содржина да имаат своја конкретна вредност, а да не бидат зависни од рекламите кои се опслужуваат околу нив.
Добредојдовте во светот на NFTs
Освен ако не си во интернет-изолација, веројатноста дека изминативе месеци не си сретнал текст во кој не се спомнува NFTs е многу мала. Треската наречена крипто не запира. Одамна веќе знаеме дека е мејнстрим сè што во себе има крипто и блокчејн. Сето тоа е супер, ама сега има уште една „индустрија” која најде начин да ја искористи технологијата за да креира некаква (не)реална вредност. NFT е „2non-fugable toke“ и во обид да ја поедноставам дефиницијата ќе кажам дека всушност претставува парче дигитална содржина на кое има закачено уникатен крипто токен со што тоа парче содржина станува единствено и (многу) вредно. Ваква вредност може да добие обичен видеоклип кој може да го гледате и без тоа на 100 други места или 8-битен пикселизиран карактер, текст, фотографија и кое било друго дигитално парче содржина.
Неодамнешни анализи укажуваат на фактот дека 8 % од корисниците на социјалните медиуми веќе поседуваат вакви токенизирани парчиња содржина. Со самата токенизација на тие парчиња содржина, било да се тоа нивни лични или купени, креаторите во основа се истакнуваат како единствени, уникатни сопственици на нешто вредно. Сега, би рекол, конечно содржната станува средство и како резултат на тоа да бидете сопственик или креатор на некоја дигитална содржина прераснува од воодушевување во легитимна долгорочна инвестиција.
Исто како кога купувате некој скап часовник или луксузен автомобил, купувањето NFT е акт со кој сакате да бидете забележани. Новопечените богаташи врз база на блокчејн и криптовалутите години наназад трупаат виртуелни богатства, континуирано бараат начин како да го стават своето богатство во пракса, како тие нивни капацитети да добијат реална вредност во пошироките општествени кругови. Соодветно на тоа, би рекол очекувано, инвестирањето во онлајн добра стана најактуелниот тренд изминатиов период, тренд со кој се добива вредност, влијание, статус и онлајн, но и офлајн.
Големите брендови се качија на возот
Модните брендови беа меѓу првите кои започнаа да експериментираат и да монетизираат од веќе воспоставената навика на помладите генерации да трошат пари за нивните виртуелни аватари во различните игри. Сега може да ги облечете своите дигитални карактери во уникатни парчиња брендирана облека кои дополнително ќе ве направат различни.
Од големите технолошки компании, Твитер прв скокна најдалеку и на своите премиум корисници им овозможи да додадат нов аватар со специјален шестоаголен облик. При лансирањето, Твитер поддржува неколку криптопаричници што можат да ги поврзат корисниците со нивните профили и да потврдат дека нивните токени се NFT.
Со ова јасно се постави трендот дека преку дигиталната сопственост значително се зголемува употребата на овие средства за јасна сигнализација кон својата публика. Сигнализирате што сакате, почитувате и јасно им го кажувате тоа на луѓето околу вас.
Што можат да прават брендовите со NFT?
Како што веќе спомнав, добар дел од брендовите веќе експериментираат или планираат да се приклучат на овој тренд. Една опција е проширување на физичкото поседување на некој предмет во дигиталниот свет со соодветно дигитално сопствеништво. Ова веќе го прави Најк (Nike) со патентирање на т.н. CryptoKicks со што при купување на некои патики од нивните колекции, покрај физичкото сопствеништво, купувачот добива сопствеништво и на дигиталната верзија од тие патики.
Друга опција за брендовите е да се погрижат за навремено присуство во дигиталните виртуелни светови каде што може да изградат нови искуства за своите корисници. А можеби и најреална е можноста за директна соработка со дигитални уметници или заедници кои веќе имаат воспоставено добра почетна позиција во овој свет.
Што и да правите, ако сакате да бидете дел од животот и да внесете вредност во животот на генерациите кои доаѓаат, мора да бидете дигитално не само присутни туку и вреднувани. Да се „закачите“ за одредени парчиња дигитална содржина, да им дадете вредност за да може вашиот бренд и вашата иднина да бидат вредни. Не чекајте, времето на интернет се движи многу побрзо.









