Бошевска: Развој на секундарен пазар за тргување со нефункционални кредити како одговор на растечкиот обем на овие пласмани во банките

Според истражувањето на Европскиот банкарски авторитет (ЕБА), во блиска иднина се очекува значително зголемување на обемот на нефункционалните кредити главно како резултат на пандемијата, а нивното движење се проценува да има континуиран раст при што својот пик ќе го има во 2022 година кога се очекува да достигне повторно 4,9 %. Токму во 2022 година се очекува да се почувствува силен повратен економски удар на кризата, кога многу или повеќето од мерките (мораториумите, како и државната помош) завршуваат. Само да се потсетиме, многу регулатори и законодавства експресно реагираа на пандемијата со воведување на мораториуми, на пример. Исто така многу држави воведоа државно финансирање/гарантни шеми за да се помогне со директна парична помош на економиите. Додека обемот на овие мерки се разликува од држава до држава, сепак тие имаат едно нешто заедничко: тие се привремени и тие ќе завршат во еден момент.

Од оваа перспектива навистина е тешко да се предвиди прецизно точната магнитуда на економските ефекти предизвикани од пандемијата ковид-19. Сепак, законодавците, регулаторите, па дури и банките прифаќаат дека е остварливо едно сценарио во кое се очекува наплив на високи нивоа на нефункционални кредити во моментот кога ќе започне да се материјализираат економските ефекти на кризата и сите се согласни дека се очекува ефектот да биде ненадеен, кога владините мерки ќе завршат. Исто така се очекува една неизвесност за тековните функционални кредити поради нивната зависност (на краток рок) од интервенциите на властите и тековните стратегии на банките во однос на нефункционалните кредити кои сè уште се исти како и пред појавата на пандемијата.

Оттука сосема е оправдано да се очекуваат високи обеми на нефункционални кредити во блиска иднина. Овие очекувања се засноваат на фактот дека мерките на регулаторите, како и државната поддршка само успеаја да го сокријат нарушениот квалитет на средствата на банките во нивните биланси и на некој начин да ги стабилизираат стапките на нефункционални кредити во 2020 година кои успеаја да се намалат на 2,9 % во 2020 година под нивото кое го имаа во 2007 година од 4,1 %.
Друг соодветен факт во овој контекст е дека банките не се баш наклонети да остваруваат загуби преку дополнителни резервации во своите биланси во напорите да ги решаваат нивните нефункционални кредити преку потребните дополнителни резервации. Стратегиите за решавање на нефункционалните кредити кои се применуваа пред ковид-19 потребно е сега да се прилагодат сè со цел да се одговори на потребата за заштита на потрошувачите, која значително се измени сега како резултат на кризата.

Органиченото економско закрепнување самото по себе придонесува за поголем притисок кон банките. Банките сè уште имаат потреба од редовните модели за таканаречени стрес тест сценарија сè со цел да се процени можниот импакт и резултат од кризата предизвикана со ковид-19. Мораториумот на обврските по кредити воведени во повеќето земји на Централна и Источна Европа се очекува само привремено да ги замаскира вистинските штети на овие рестрикции по економиите.
Банките функционираат во едно опкружување со намалени каматни стапки кои во голема мера влијаат на можноста банките да создаваат профити потребни да се избалансира влијанието на зголемените резервации во билансите на банките кои се јавуваат како резултат на зголемениот обем на нефункционални кредити.

Она што сигурно се очекува е дека обемот на НПЛ ќе расте, се очекува да достигне ниво од 4,9 % и дека значително ќе ги намали активностите на кредитирање на европските банки. Ова значи дека се предвидува затегнување на кредитните стандарди за кредитирање подеднакво како за домаќинствата, така и за корпоративните кредити, а тоа директно произлегува од очекувањата на банките во однос на влошување на економската состојба, како и зголемениот кредитен ризик. Ако ги земеме предвид искуствата од финансиската криза 2008/2009 година, банките настојуваат да имаат пониска толеранција за ризик. Според Европската централна банка и Европскиот банкарски авторитет (ЕБА) би можеле да очекуваме проценето намалување од 25 % на нови кредитни пласмани од страна на европските банки во 2022 година и покрај фактот што кредитните стандарди веќе се заострија во првиот квартал на 2020 година, ама сепак тоа заострување беше многу послабо од она за време на должничката криза 2008/2009 година.

Од тука заклучуваме дека е потребно решавање на зголемените нефункционални кредити, односно банките треба да развијат соодветно управување со нивните нефункционални кредити и да дефинираат најдобри практики со кои ќе се соочат на вистинскиот начин со растечките нефункционални пласмани.

Една клучна област во таа насока е развој на ефикасни секундарни пазари за тргување со нефункционални кредити што воедно претставува и една од клучните точки на стратегијата за нефункционални кредити на Европската комисија од 16 декември 2020 година. Главните активности на Европската комисија во насока на зајакнување на секундарните пазари за нефункционални кредити се насочени кон подобрување на транспарентноста и на ефикасноста.

Во таа насока, Европската комисија активно разговара за бројни различни модели кои треба да придонесат кон поголема транспарентност на трансакциите со нефункционални пласмани. Но, таква поголема транспарентност носи и свои ризици поврзани со правата за заштита на лични податоци и правата за заштита на потрошувачите. Ако можеме така да ја наречеме, целокупната индустрија поврзана со нефункционални кредити отсекогаш се одвивала во рамките на националните регулативи поврзани со заштитата на податоците и заштитата на потрошувачките права, но сега со најновите европски регулативи последиците од правење грешки во овој контекст се многу далекусежни и сериозни. Заштитата на податоците и потрошувачките права сега веќе станаа со врвен приоритет во мисијата за тргување со нефункционалните пласмани. Регулативата мора да осигури нивно успешно реализирање, заштитата мора да се осигури преку поставениот модел на секундарен пазар кој, всушност, го поставува токму законодавството и регулативата.

На ниво на Европската Унија се усвои посебна Директива за сервисери и откупувачи на нефункционални кредити во ноември 2021 година според која земјите членки имаат 24 месеци да ја усогласат локалната легислатива и неа да ја усогласат со насоките и барањата усвоени во Директивата. Директивата треба да им овозможи на кредитните институции подобро да се соочат со кредитите кои стануваат нефункционални така што ќе се подобрат условите за нивна продажба. Понатаму, кога кредитните институции ќе се соочат со високи износи на нефункционални кредити и недостиг на вработени со соодветно знаење да ги сервисираат нив ќе можат да ги пренесат кон инвеститори кои ќе бидат во можност да го прифатат соодветното ниво на ризик и да ги преземат нефункционалните кредити.

Според Директивата, инвеститорите кои ги преземаат нефункционалните кредити треба секогаш да се однесуваат коректно кон должниците, да ги почитуваат нивните права како потрошувачи и да ја почитуваат нивната приватност, сето ова во согласност со локалната регулатива која треба да го осигури истото ова.

Во рамките на нашата локална регулатива се пристапи кон измени на Одлуката за методологија за управување со кредитен ризик каде што се прави обид попрецизно да се уреди прашањето за постапката и правилата за продажба на побарувања. Колку овие измени ќе осигураат дека ќе се почитуваат правата на должниците како потрошувачи, нивната приватност, колку ќе се обврзат инвеститорите кои ги преземаат побарувањата да дејствуваат согласно важечките закони на нашава земја штитејќи го интегритетот и угледот на должникот и банката која продава, останува да видиме од финалната верзија на измените кон оваа Одлука на Народната банка. Секако, и банката која продава мора да води сметка и самата, и да постави свои интерни правила со кого може да соработува на секундарниот пазар за тргување со нефункционални кредити за ваков тип на проект (пренесување на побарувања) водејќи сметка за насоките на европската директива за нефункционални кредити, за Законот за заштита на потрошувачите и особено најновиот Закон за заштита на лични податоци кој е веќе на сила и кај нас.

Еден добро развиен и ликвиден секундарен пазар ќе им овозможи на банките да ги намалат своите изложености кои се нефункционални преку продажба на инвеститори.
Доколку банките ги продадат своите нефункционални кредити од своите биланси преку секундарните пазари, тие ќе можат да се фокусираат на нивните клучни банкарски активности, да ослободат место во своите биланси за нови пласмани и со тоа на некој начин да си помогнат самите за да го финансираат економското заздравување на економиите, нешто што токму од нив се очекува.


(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)

Најчитано