Вуковска: Во услови на инфлација и економска криза најбезбедно е да се инвестира во недвижности

Колку беше успешна минатата 2021 година за индустријата со недвижности во Северна Македонија и дали има некои нови трендови?

А. М. Вуковска: Годината зад нас беше многу предизвикувачка за секторот со недвижности, иако неизвесности и возбуда нема да изостанат ни во 2022 година. Рекордниот раст на цените на недвижностите во Скопје каде што цената на метар квадратен надминува и 1 500 евра, рекордниот промет со недвижности, како и голем број издадени одобренија за градба, вкупно 4 387 според Заводот за статистика, укажуваат на тоа дека оваа тенденција на раст ќе ја одбележи и оваа година. Иако има и такви кои предвидуваат колапс на пазарот на недвижности, експертите на Проперти Оне сметаат дека ваквата прогноза е далеку од точна. Пазарот е под влијание на многу фактори, локални и глобални, кои се внимателно следени и анализирани во Проперти Оне, што ни овозможува да го подигнеме нивото на услуги во секторот за недвижности на највисоко професионално ниво и клиентите да ја стекнат изгубената доверба во агенциите.
Проперти Оне е една од малкуте агенции кои имплементираат европски и светски стандарди и регулативи и се залага тоа да го практикуваат сите. За секој клиент се прави посебен договор за соработка за, пред сè, да се заштити самиот клиент и да се заштити целокупната соработка. Ги заштитуваме нашите клиенти максимално од секакви измами.
Ние пред сè го олеснуваме процесот на потрага по недвижност, која е една од најважните одлуки во животот. Клиентите добиваат многу подобра информираност за недвижностите или можните закани по нивната веродостојност за разлика доколку клиентите би барале сами.

Што нè очекува во 2022 година?

А. М. Вуковска: Оваа година, како и претходните две, е полна со неизвесности, клиентите стравуваат од можна инфлација и најава на економска криза низ целиот свет, што резултира со зголемен интерес стекнатиот капитал да се инвестира во недвижности како најбезбедна форма на заштеда.
Сето тоа неминовно влијае на зголемената побарувачка, што пак ги зголемува цените на недвижностите.
Во меѓувреме, поради проблеми во логистиката и синџирите на снабдување, се зголемија цените на суровините за изградба што се одрази и на цената на метар квадратен.
Во 2022 година очекувам да продолжи трендот на зголемена побарувачка, во голем дел затоа што најавата за глобална инфлација и глобална економска криза ги потикнува граѓаните да размислуваат на сигурен и стабилен начин на инвестиција на своите средства во недвижен имот.

Какви се вашите очекувања за пораст на цените на недвижностите во блиска иднина?

А. М. Вуковска: Одговорот е многу едноставен: сè додека побарувачката е поголема од понудата. Многу фактори влијаат на цената на квадрат − од цената на локацијата до цената на градежните материјали, примарна или секундарна инфраструктура итн.
Рамнотежа меѓу понудата и побарувачката, според мене, нема да се случи наскоро.
Низ Скопје гледаме голем број кранови, споменуваме илјадници квадратни метри, имаме сè поизразена миграција од внатрешноста кон главниот град, како и нашата дијаспора која има претензии да се врати во Македонија на крајот од работниот век. Кога ќе се соберат сите потреби јасно е дека големата побарувачка ќе продолжи да биде тренд.
Сето ова отвора простор за нови инвестиции во секторот на недвижности, кои се повеќе од пожелни. Скопје всушност е сè уште слабо развиен град имајќи предвид многу параметри, инфраструктура, сообраќај, па дури и урбано население. Има улици кои се оддалечени два-три километри од центарот, а кои се полни со мали, разрушени градби и не одговараат на микролокацијата. Сето тоа се потенцијали за нова градба и верувам дека сè додека постојат такви локации и додека не се урбанизираат не можеме да зборуваме за достигнување на врвот во изградбата на градот.

Какви недвижности се најбарани во нашава земја?

А. М. Вуковска: Според анализите на Проперти Оне, најмногу се продаваат станови од 50 до 70 метри квадратни, но расте и побарувачката за луксузни станови и до 150 метри квадратни од кои клиентите очекуваат максимална удобност − од гаражата во зградата, репрезентативен влез и чувар, до простор со справи за вежбање, базен и спа центар во рамките на станбениот комплекс, што само говори колку се променети критериумите на клиентите во последно време. Вакви станови во нова градба на премиум локација се продаваат однапред по многу високи цени. Со тоа се подигнува нивото на квалитетното живеење во Скопје.
Зад ваквите инвестиции, но и зад големите станбени комплекси, стојат реномирани инвеститори на кои им се верува. Тука се и странските инвеститори во резиденцијални комплекси кои се секогаш добредојдени бидејќи тоа само ја прави поинтересна трката за квалитет на нашиот пазар.

Дали има најава на нови странски инвеститори во нашава земја?

А. М. Вуковска: Како член на повеќе меѓународни организации би потенцирала дека за еден странски инвеститор безбедноста на системот е најважна за да влезе на нов пазар и мора да бидеме свесни дека Македонија сè уште не е во ЕУ, а тоа е отежнувачка околност на која многу инвеститори присутни во околните земји гледаат со претпазливост. Исто така финансиската структура е многу важна за инвеститорите и за купувачите. Финансискиот консалтинг на Проперти Оне е во преговори со неколку ИТ и високотехнолошки компании со цел промовирање и привлекување на што повеќе странски клиенти инвеститори во нашава земја.
Кога станува збор за поголеми инвестиции, за странските инвеститори е потребно сите протоколи да се запазат максимално за да резултира со што помалку компликации во понатамошниот процес.

Колку влегувањето на странските инвеститори во секторот со недвижности ги промени правилата на игра?

А. М. Вуковска: Без нив нема да напредуваме. Со странските инвеститори, кои ја покажуваат својата професионалност, квалитет и сериозност во различни проекти, забележан е зголемен број на иновативни решенија и побрза имплементација во сите сегменти на бизнисот, градежништвото, организацијата, перформансите и моделот за управување со проекти, сите се поставени на повисоко ниво. Од сегашна гледна точка мислам дека странските инвеститори се неопходни за да ги „разбудиме“ останатите за да бидат подготвени за трката при што и домашните инвеститори ќе мора да ги зголемат своите стандарди и квалитет на услуги за да им парираат на странските инвеститори затоа што и едните и другите зависат од истите клиенти.

Кои се вашите планови за 2022 година?

А. М. Вуковска: Пред сè, отворањето на нашите нови канцеларии и деловен простор на Проперти Оне кој ќе биде еден вид изложбен простор за многу иновации кои сè уште ги нема на пазарот, ќе располага и со простор за соработка, бизнис-кафе, сала за презентации, надворешен простор за работа и многу други содржини во кои ќе може да уживаат сите наши клиенти.
Проперти Оне влегува во нов развоен циклус со многу нови планови и идеи со цел растење и подобрување на веќе поставените стандарди, во секој поглед. Кога ќе ја погледнеме нашата петгодишна стратегија, само во следните две години започнуваме со инвестиција во неколку нови проекти тука и надвор од нашава земја.
Во моментов се фокусираме на развој на неколку локации во Скопје за она што му недостига на нашиот град, деловен простор и простори за соработка.
Тренд на кој работиме, а кој во голема мера влијае на развојот на иновативни решенија за внатрешен дизајн и на важноста на дизајнот во современиот деловен простор е побарувачката на големи канцелариски простори за ИТ и високотехнолошките компании кои се сè поприсутни на пазарот.
Проперти Оне се равива во повеќе сегменти на работа, од посебен сектор за резиденцијални објекти до ексклузивно застапување на деловни објекти, уредување на канцелариски простор и внатрешен дизајн, отворање на што повеќе простори за соработка, финансиско советување, обезбедување пракса на многу млади луѓе од нашите факултети, мониторинг на пазарот и фокус во инвестиции во недостатоците на пазарот, како и отворање на нови претставништва, раст на пазарот на недвижности и уредување на деловен простор во проекти надвор од Македонија.
Со разгранување на нашиот бизнис во повеќе сегменти правиме дисперзија на ризик за нас како компанија, што се увиде дека е клучно за еден бизнис во време на криза каква што ја воочивме за време на пандемијата.
Важен сегмент во работењето на Проперти Оне изминатава и оваа година се ИТ и високотехнолошките компании кои најчесто бараат цели згради кои ги реновираат според нивните потреби, на кои од големо значење им е дизајнот и комплетниот амбиент, како и добросостојбата и здравјето на нивните вработени, притоа обезбедувајќи инспиративна и креативна атмосфера за вработените.
Нашиот примарен фокус се состои да бидеме први кои ќе им го обезбедиме тоа.

Каква е состојбата со деловни објекти во Северна Македонија? Дали недостасува деловен простор?

А. М. Вуковска: Во главниот град имаме голем дефицит на деловен простор, кој го забележуваме во последниве неколку години, со сè поголемиот пораст на инвестиции од ИТ-секторот и зголемената побарувачка.
Оваа диспропорција е уште повпечатлива кога ќе ги споредиме соседните главни градови каде што има многу поголема понуда.
Она што го забележавме преку ексклузивното застапување за изнајмување деловен простор во неколку деловни згради е дека нашите клиенти имаат голема желба да го преселат својот бизнис во нови софистицирани деловни згради по светски стандарди, каде што се соочивме со хроничен недостаток на таков деловен простор во нашава земја.
Сите нови проекти на деловни објекти ги реализиравме многу брзо со што се докажува фактот дека за квалитетен производ никогаш нема да недостасува клиент, што покажува добра тенденција за пазарот со недвижности во Северна Македонија.
Во секторот на комерцијални недвижности има сè поголема експанзија на логистички центри и магацини, што укажува на економски раст, а тоа ќе биде од корист за сите.

Дали во главниот град има најава за инвестиции во нови деловни простори?

А. М. Вуковска: Покрај зголемената побарувачка за деловни објекти во Скопје, нивната изградба е многу намалена поради многу фактори, а пред сè поради недостигот на градежни парцели, посебно во централниот дел на градот.
Поради тој факт ние ги насочуваме нашите клиенти да го компензираат недостатокот на деловен простор со реновирање на веќе постоечки постари градби кои може да се пренаменат во деловни објекти.
Канцелариите во ваквите реновирани згради се исклучително барани и често се издаваат штом на пазарот се објави дека ќе бидат во понуда, многу пред да заврши реновирањето.
Реновирањето на старите деловни згради значи целосна реконструкција на објектот, од ѕидови, столарија, изолација и целата инфраструктура до модерен редизајн, надворешен и внатрешен, за овие канцеларии да бидат исклучително атрактивни. Истовремено тие треба да ги исполнуваат сите стандарди како најсовремени нови деловни објекти, вклучително и максималната енергетска ефикасност која е сè поважна ставка за секој закупец при склучување на договор.
Фактот што секој нов квалитетен деловен простор што ќе се појави на пазарот веднаш наоѓа закупец уште пред да биде подготвен за вселување јасно илустрира колку недоволна е понудата во овој сектор и дека не ја задоволува побарувачката.

Кои услуги ги применувате за привлекување потенцијални клиенти во деловните објекти?

А. М. Вуковска: И во новите и во реновираните деловни објекти на клиентите им нудиме комплетно опремен простор, со комплетен канцелариски мебел, професионално одржување, обезбедување и рецепција, а понатаму клиентот избира според нивните желби и потреби и се согласува со сопственикот. Поточно, консултантскиот тим на Проперти Оне посредува сè додека не се испреговараат сите услови на закупот и не се задоволат сите барањата на клиентот, по тоа се разликуваме од другите.
Многу важен дел од нашата работа е да им помогнеме на компаниите да ги вратат вработените на работните места преку реализација на ентериер и простор во кој вработените ќе се чувствуваат како дома надвор од дома, што е сè поголем тренд меѓу компаниите кои се во трка за што поквалитетен кадар на нашиот пазар.
Проперти Оне реагираше во вистинско време и разви нов концепт за изнајмување канцелариски простор во хотелите со цел да им помогне на многу клиенти кои поради пандемијата и недостигот на туристи се најдоа во незавидна ситуација.
Некои хотели нашиот тим целосно ги реновираше и ги пренамени во деловни објекти, додека пак некои го задржаа хотелскиот концепт и решија да изнајмуваат дел од собите како исклучително ексклузивни канцеларии каде што клиентите може да работат во елегантна и извонредно одржувана средина со иста услуга како и хотелските гости, под многу флексибилни услови, во смисла дека може да се договори закуп само за еден месец, што е идеално за сите компании кои имаат потреба од привремен, квалитетен и репрезентативен деловен простор.
Покрај канцелариите, клиентите може да ги користат и другите услуги на хотелот како конференциска сала, спа и паркинг.

Како влијаеше кризниот период за време на пандемијата врз вашата компанија?

А. М. Вуковска: Кризниот период, особено во текот на првата година од пандемијата, беше многу предизвикувачки за сите играчи на нашиот пазар на недвижности, а стратегијата за која Проперти Оне се определи беше да продолжи да работи уште понапорно во своите активности. Додека, од една страна, бевме многу успешни во прилагодувањето на новите пазарни трендови, како што е во еден момент, на пример, потребата на клиентите за деловен простор за соработка како привлечна опција за сите оние на кои им треба привремен работен простор, како и за стартап бизниси, во исто време работевме на градење тим кој ќе излезе во пресрет на сите предизвици за време и по пандемијата.
Во периодот зад нас успеавме да оствариме контакти со потенцијални нови партнери низ целиот свет. Се надевам дека постигнавме многу иновации и инвестиции кои, се надеваме, ќе резултираат со нови можности за проширување на бизнисот.
Она што е најважно за нас како компанија е тоа што и во најтешкиот период останавме доследни на стандардите на нашиот бизнис со што ја задржавме довербата на клиентите, особено кога станува збор за вработување на нов и квалитетен кадар, а сето тоа во корист на нашите клиенти кои, дефинитивно, не недостасуваат овие години.

Кои стандарди во секторот со недвижности ѝ недостасуваат на Македонија?

Борбата со климатските промени е многу важен аспект кој треба да се запази во дејноста со недвижностите, а се игнорира во нашава земја.
Таканаречените зелени згради, кои ги почитуваат еколошките стандарди и принципите за енергетска ефикасност, ќе бидат сè поприсутни, дури и задолжителни на пазарот.
Проперти Оне се залага за повеќе зелени површини, она што му недостига на градот. Во нашите консултации со инвеститорите им посочуваме за предностите во инвестирање во енергетски ефикасни системи, иновативност во поглед на имплементирање на вертикално зеленило доколку не е возможно да се обезбеди доволно зелена површина на плацот околу објектот.
Ние како земја имаме потреба од LEED сертифицирани згради. Трендот е одржливоста да биде интегрирана во процесот на дизајнирање и на градба. На пр. градовите како Њујорк, Торонто, Сан Франциско имаат поставено услов сите нови резиденцијални и деловни објекти во градот да имаат зелени покриви, соларни панели, мини турбини за ветер или комбинација на сите три решенија. Иако промената на покривот изгледа како мал чекор, но глобалното влијание е импресивно. Во направени истражувања на веќе постоечки вакви згради, зелениот покрив со поголема површина може да ја намали дневната потреба на зградата за климатизација дури до 75 проценти. Зелените покриви го ладат воздухот, го апсорбираат загадувањето од воздухот, обезбедуваат звучна изолација, промовираат биодиверзитет и ги смалуваат трошоците за производство на енергија.

Каде ја гледате Проперти Оне во иднина?

А. М. Вуковска: Во иднина се потребни сè повеќе иновации и стандарди како темел за квалитет.
Доколку ги земеме предвид проектите на кои работи моментално тимот на Проперти Оне, како ексклузивен застапник за продажба и изнајмување, како и бројот на инвеститори со кои сме моментално во преговори во земјава и надвор, може да се заклучи да некои од локациите во Скопје допрва ќе почнат да се развиваат.
Целта на Проперти Оне е со своите консултантски услуги на инвеститорите да им даде клучни информации за тоа што е најдобро да се гради на одредени локации, финансиски анализи и профитабилност на проектите.
Нашата агенција и дизајн студио се засноваат на концептот на иновативност во сите процеси и големо know-how и професионалност на нашите вработени.
Иднината на нашата компанија е да биде лидер на пазарот во сите светски новитети кои, меѓу другото, ги следи без престан. Еден пример е метаверзумот кој е сè попопуларен во виртуелниот свет, како и овозможување за инвестиции на нашите граѓани во овој нов тип на инвестирање во виртуелен недвижен имот.
Планираме и инвестиција и обука во AR/VR технологија.
Аналитичарите предвидуваат дека технологијата би можела да биде револуционерна како што беше ајфонот во 2007 година − со некои значајни деловни апликации кои веќе се појавуваат на насловните страници.
Банката на Америка, на пример, стана првата голема фирма за финансиски услуги што започна обука за виртуелна реалност за своите вработени во октомври 2021 година. Понатамошните истражувања откриваат дека VR на работното место може да го намали времето за обука на персоналот за 60 %.
Ќе биде неизбежно компаниите да почнат да го нормализираат VR како додаток на алатки како лаптопи, таблети и телефони. Тоа е најдобриот начин да се создаде заедничко чувство за простор и поврзаност меѓу дисперзираните работни сили, што ќе биде од големо значење за секторот за недвижности во поглед на олеснување на работата на агентите и на клиентите кои сакаат да купат недвижност на поголемо растојание, а не се во можност да патуваат или да одржуваат состаноци со инвеститори на далечина, кои би сакале да го доживеат просторот во реалност и во исто време да заштедат време и средства на патувања.


Разговараше: Кирко Бошкоски

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2022г.)

Повеќе од истиот автор

Најчитано