„Де Марко“ − Куманово: Она што нè плаши како компанија е енергетската криза која владее во Европа

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор, каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?


„Де Марко“ е компанија основана во 2006 година во Куманово, која се занимава со производство на обувки за однапред познати трговски партнери, пред сè од Република Србија и Република Италија. Исто како и кај текстилната индустрија, и во кожарската индустрија најголемата слабост е големото учество на ЛОН-работењето во однос на вкупното производство кое е преку 90% во нашата компанија.
Во овој период ние како компанија, па и другите компании од оваа бранша, имаме зголемена побарувачка за нашите услуги, што обезбедува работа за подолг период до крајот на годинава, па и за почетокот на следната година. Но, она што нè плаши како компанија е енергетската криза која владее во Европа, од која може да дојде до пад на потрошувачката во овие земји за нашите производи, кои инаку се наши долгогодишни и традиционални партнери во соработката и самото тоа да се одрази на нашето работење.
Како проблем со кој се соочуваме е огромниот пораст на суровините и репроматеријалите кои ги набавуваме за производство, зголемените цени на транспортот, како и порастот на цените на енергентите во целост, пред сè неколкукратното зголемување на цената на електричната енергија, што рапидно ги зголеми трошоците за работење, и затоа неопходно е државава да им помогне на овие трудоинтензивни компании со субвенционирање на трошоците за струја. На крајот останува проблемот со недостиг на работна сила бидејќи младите луѓе тешко се одлучуваат да работат во кожарската дејност и перманентно се соочуваме со недостаток на работници, а самото тоа не ни дозволува да прифатиме и поголеми серии на нови нарачки за производство.
Инаку компанијата „Де Марко“ моментално има 45 вработени и претходната 2021 година ја заврши со приходи од околу 43 милиони денари и остварена нето-добивка од 320 илјади денари.

Повеќе од истиот автор

Најчитано