Изминатава година беше година на страв и загриженост поради војната во Украина, што предизвика последици без преседан по нашиот континент и на глобален план. Но, војната исто така ги разбуди емпатијата, солидарноста и провоцираше збивање на редовите кај земјите од евроатлантската зона со коалиција во одбрана на универзалните вредности и човекови права. Процесот на проширување се врати назад на агендата на ЕУ како клучна геополитичка цел. Македонија, по долги години чекање, конечно ја отвори Меѓувладината конференција и ги започна преговорите за полноправно членство.
Во 2023 година силно посакувам прво да се ослободиме од политичкиот товар на измените на Уставот, да го завршиме успешно скрининг процесот и да го отвориме првиот кластер, Фундаментални вредности. Членството во ЕУ е државен проект и како државен проект треба да се третира и од страна на власта и на опозицијата. Лично бескомпромисно би се фокусирал на борбата против корупцијата и организираниот криминал, спречување на конфликт на интереси и клиентелизам. Потребна е целосна професионализација на администрацијата и правосудниот систем и вклучување на млади кадри во овие системи од кои зависи иднината на државава.






