Фершпед – анализа на биланс на успех

Со развојот на железничкиот сообраќај во тогашна Југославија започнал да се зголемува и обемот на меѓународен транспорт, па од тие причини во 1968 година, во склоп на македонски железници, формирана е посебна шпредитерска единица. Како и многу други државни претпријатија, така и Фершпед, поминал низ процесот на приватизација, за конечно во 1995 да го добие конечниот лик. Во денешната анализа ќе направиме осврт на сработеното во првите 9 месеци од годината и ќе се обидеме да ги пренесеме клучните елементи од работењето.

Генералниот заклучок од консолидираниот биланс на успех е дека Фершпед преку мал, но стабилен пораст на приходите успеал значително да ја зголеми својата нето добивка. Притоа, ваквата констатација е последица на следните елементи:

– Во првите 9 месеци од 2022 година вкупните оперативни приходи на Фершпед се зголемени за 188 милиони мкд во апсолутен износ, во споредба со истиот период лани, или вкупен пораст од 5%.

– Главниот катализатор за ваквите бројки може да се најде во растот на продажби кај домашните коминтенти. Имено, Фершпед преку доминантно домашно пазарно учество од 96%, успела да генерира приходи во вредност од 3.668 милиони мкд, а со тоа да го зголеми нивото за 7%. Овој пораст претставува круцијален елемент во бизнис позиционираноста на компанијата.

– Приходите на странски пазари се во негативна корелација со домашниот пазар од причина што оваа компонента забележала пад од 18% во текот на првите 9 месеци. Иако процентот е голем, сепак вкупната сума која се одлеала е 27 милони мкд.

– По основ на останати оперативни приходи Фершпед го нарушила трендот од 2021 година кога за 9 месеци инкасирала сума од 18.6 милиони мкд, а споредбено со пресекот од септември 2022 година таквиот резултат е преполовен.

– Во целосна координација со растот на приходите се и вкупните оперативни расходи. И тука растот изнесува 5%, со нагласок дека сите поединечни ставки бележат одредено ниво на пораст. Најголема ставка, согласно природата на бизнисот се услугите, кои партиципираат со 82% во вкупните оперативни расходи, а таквиот однос лани изнесувал 85%, додека процентуалниот пораст изнесува само 1%, во споредба со кумулативниот износ лани. Најголем пораст, несметајки ја ставката вредносно усогласување, е евидентирана кај трошоците за суровини. Имено, по овој основ се потрошени 134 милиони мкд, или дупло повеќе од лани.

– Со оглед на структурата на имотот, прокнижена е амортизација од 61 милиони мкд, што претставува пораст од 27%. Трошоците за вработени се зголемиле за 13%, со тоа што нивното учество во вкупните расходи е само 5% , а истиот процент е апликативен и во однос на вкупните приходи на компанијата.

– Со оглед на широката палета на дејности и вложувања на компанијата за очекување е раздвиженост во ставките финансиски приходи и расходи. Притоа, негативните случувањата на финансиските пазари довеле до надолен тренд кај финансиските приходи и нивен пад од 12%, додека од друга страна финансиските расходи за камати и курсни разлики бележат двојно зголемување. Стапката на покриеноста на финансиските расходи, кои се во износ од 2.1 милион мкд, изнесува 2:1 во корист на финансиските приходи.

– Сите овие движења во билансот на успех придонеле компанијата да генерира нето добивка од 91.7 милиони мкд. Овој резултат претставува пораст од 12% во однос на добивката од минатата година или зголемена добивка од 9.7 милиони мкд.

Значителното ниво на пораст на добивката може да биде само стимул повеќе за компанијата да продолжи да се развива во посакуваниот правец, а останува да видиме дали овој тренд ќе се задржи и до крајот на годината.

(Е&Б)

Повеќе од истиот автор

Најчитано