Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Моменталните случувања во државава поврзани со Предлог-законот за игри на среќа кој се наоѓа во собраниска процедура сериозно ќе влијаат врз нашето работење.
Како еден од поголемите странски инвеститори во оваа држава, која е даночен обврзник и стабилен работодавач, чувствуваме голема неизвесност која се пресликува и кај нашите вработени кои стравуваат за своите работни места и иднина.
Во изминативе години Законот за игри на среќа претрпе измени во неколку наврати, а сето тоа се рефлектираше на нашата организација на работата. Токму затоа сметаме дека е клучно да се креира конструктивно и одржливо законско решение кое ќе биде прифатливо за нас и кое ќе ја унапреди состојбата на игри на среќа во целава земја.
Како странски инвеститори исто така мораме да посочиме дека најавените промени може да имплицираат правни постапки за отштета и заштита на правата на приредувачите кои работат според однапред поставени услови бидејќи токму тие услови биле клучни за реализација на инвестицијата во оваа земја.
Сакаме да истакнеме дека ние сме работодавач кој промовира правила на однесување кои поттикнуваат безбедно и одговорно обложување и стоиме на располагање да дадеме сопствен придонес во креирање на законско решение кое ќе биде европско, издржано и долгорочно.










