Тилев: Дали фазното пристапување може да го забрза или успори нашето интегрирање во ЕУ?

Во претходните три броја на „Економија и бизнис“ прво ги споделив моите видувања за Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, кога е едногласно од сите земји членки на ЕУ усвоена Преговарачката рамка и е наметната политичка обврска за измени и дополненија на нашиот Устав како предуслов за продолжување на пристапните преговори. Потоа елаборирав некои елементи од билатералниот Протокол со Бугарија потпишан на 17 јули 2022 година и врската меѓу Протоколот и Преговарачката рамка. На крајот направив краток осврт на неколку клучни елементи од Преговарачката рамка со која ја отворивме Меѓувладината конференција и согласно која ги започнавме преговорите и процесот на аналитички преглед на европското право или скринингот, на 19 јули 2022 година.
Покрај сите овие факти, извесно е дека скринингот за сите шест кластери завршува во ноември оваа 2023 година, до кога е потребно да се исполни политичкиот предуслов, уставни измени, кој доколку не се исполни, пристапните преговори ќе се блокираат. Уставните измени несомнено се многу сериозно барање кое мора да ја помине целата комплексна процедура, опишана во нашиот Устав и Деловникот за работа на Собранието, а за која се бара широк консензус кој може да се постигне само во зрела политичка околина. Од исклучителна важност е правилно да се разберат краткорочните и особено долгорочните последици по земјава и нејзината европска иднина во случај да не го исполниме условот и во случај да го исполниме условот што заслужува посебна анализа.
Но, настрана од овој политички услов, темата која низ овој текст ќе се обидам да ја приближам ми се наметна како природно продолжение на претходните три написи, а се однесува конкретно на т.н. постепено „фазно пристапување/phasing in“. Тоа е еден од најинтересните, но и најконтроверзните елементи на новата Методологија за пристапни преговои (2020) која, од една страна, нуди можност и потенцијал за забрзана интеграција, но од друга страна крие и опасност од капсулирање на пристапниот процес на пониско ниво од полноправно членство.
Според објаснувањата кои до сега се официјално познати, а за жал ги нема доволно, доколку се постигне задоволителен напредок во пристапните преговори, тоа ќе отвори можност за забрзана интеграција во ЕУ и постепено „фазно пристапување“ кон селектирани поединечни политики на ЕУ и пред завршувањето на преговорите, односно пред полноправното членство, како на пример кон единствениот пазарот на ЕУ, како и кон некои програми и агенции на Унијата. Исто така, доколку напредокот е евидентен и извесен, ќе се отвори и можноста за зголемени инвестиции и финансирање од буџетот на ЕУ, вклучително и во големите инфраструктурни проекти, со што би се забрзал и процесот на намалување на економските и социјални диспаритети на земјава во однос на тој на ЕУ.
Сепак, јасно е дека постепеното фазно пристапување во некои политики на ЕУ, преку учество во комитетите на Комисијата или некои од работните тела на Советот на ЕУ, како и во програми или агенции на Унијата, нема автоматски да донесе и право на глас во процесот на донесување одлуки, сè додека не се постигне полноправно членство или додека не се направат соодветни измени во Договорот за основање на ЕУ.
Оваа можност за забрзана интеграција преку постепено фазно пристапување веќе е вклучена и малку подетално елаборирана во нашата Преговарачка рамка во која стои дека во контекст на постепената фазна интеграција примарен фокус треба да се даде на областите каде што земјава веќе има капацитет и експертиза за извоз во ЕУ и во областите од заемен стратешки интерес каде што земјава кандидатка има значително производство, но секако при тоа се очекува да ги исполниме правните норми и техничките стандардите на ЕУ (на пример, производство на критични суровини), како и во области каде што има огромен неискористен потенцијал (на пример, дигитална/зелена економија). Исто така во нашата Преговарачка рамка стои дека постепената фазна интеграција отвора и можност за зголемени инвестиции и финансирање, вклучително и интензивирање на претпристапната помош која веќе ни е на располагање.
Сметам дека при развивањето на генералниот пристап на фазна интеграција фокусот треба да биде ставен на главните области од клучен заеднички интерес за ЕУ и земјите од Западен Балкан. Доколку ние сме зрело и трајно стратешки ориентирани и доколку добро го познаваме сопственото општество и нашиот економски потенцијал, јасно е дека треба да тргнеме од воспоставената логика на процесот на проширување, тргнувајќи од „темелните вредности пред сè“, а тоа се токму главните столбови на пристапниот процес, и тоа владеење на правото, економско управување, реформа на јавната администрација, односно капацитети за правилна имплементација на европските политики во пракса и целосна апсорпција на европските фондови. Демократијата не може да го ослободи својот позитивен потенцијал доколку судскиот систем не е целосно независен и ослободен од политичко мешање и притисок, доколку обвинителите не се максимално професионални и истражните служби соодветно опремени, доколку разузнавачките служби не се под строг и ригиден надзор од страна на Собранието и независните тела на граѓанското општество и доколку превенцијата и борбата против корупцијата, како и бескомпромисната борба против организираниот криминал не се приоритет број еден на Владата, но и на целото општество.
Следејќи го тој пристап, за мене е сосема логично токму тие темелни вредности да се пресликаат во процесот на пристапување во пракса преку новата Методологија и филозофијата на проширувањето. Затоа сметам дека за забрзување на пристапните преговорите ЕУ би требало да се охрабри со тестирање на постепеното фазно интегрирање како пристап од новата методологија, во клучните области од заемен интерес, токму поврзани со основните темелни принципи, почнувајќи со наше вклучување во Европскиот механизам за владеење на правото, охрабрување на структурните реформи преку постепено вклучување во Европскиот систем на економско управување и Европскиот семестар и, секако, вклучување во Европскиот единствен пазар.
Ваквиот пристап бара и соодветна финансиска поткрепа, поддржана пред сè преку инструментот ИПА, но со оглед на тоа дека тие средства не се доволни за забрзување на реформите, зошто да не, треба да се размисли за воспоставување на посебен кохезиски фонд за Западен Балкан со кој би се забрзал економскиот раст на ист начин како и за помалку развиените членки на Унијата.
На оваа листа на клучни области, особено по агресијата на Русија врз Украина, секако треба да ја додадеме и потребата од целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и воведување рестриктивни мерки и санкции, како и проширување на соработката и усогласеноста со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ (ЗБОП).
Сите наведени сложени механизми бараат заемна темелна подготовка и од наша страна и од станата на Унијата пред да можеме да се приклучиме и да земеме активно учество во сите наведени политики. Затоа е неопходно да се започне со наше постепено вклучување во рана фаза, односно од самиот почеток на пристапните преговори бидејќи сметам дека тоа ќе биде извонредно корисно за двете страни.
Во таа насока очекуваме првиот чекор во подготовката за постепено вклучување да го направат службите на Европската комисија, а тоа е:
• Да се мапираат сите 350 и повеќе комитети на Европската комисија, вклучувајќи го нивниот правен основ, опсегот и правилата за процедури, листа на комитети во кои земјите кои преговараат веќе можат да учествуваат во нивната работа, односно доколку до сега не партиципираат, дали тие комитети се отворени за трети земји и дали тие можат да бидат отворени за земјите кои се во процес на пристапни преговори. Низ работата на овие комитети кои ги покриваат сите агли на европските политики, нашите експерти ќе можат забрзано да учат, а во позрела фаза и да се вклучат во креирањето на европските политики и да станат составен дел на сите 350 и повеќе комитети.
• Да се мапираат сите 40 и повеќе програми на Унијата во рамките на Буџетот на ЕУ 2021 − 2027 година, покрај програмата ИПА III, во кои веќе имаат можност во одредена форма и обем да учествуваат земјите од Западен Балкан или програми кои можат да се отворат за учество на земјите од Западен Балкан, и во контекст на фазното пристапување, прецизирање во која фаза од пристапните преговори и во кој опсег ќе можеме да користиме дополнителни финансиски средства. Постои неискористен потенцијал за кој вреди да се вложи дополнителен напор за максимална искористеност како помош за нашава економија.
• Да се мапираат сите агенции на Унијата, во моментов има 35 децентрализирани агенции, вклучувајќи ги нивните правни основи, опсегот и правилата за процедури, наведувајќи во кои од нив експертите од земјите од Западен Балкан веќе учествуваат и во кои би можеле да учествуваат. Учеството на наши експерти во работата на овие професионални и високостручни агенции дава можност за непосреден контакт со професионалци од сите земји членки кои всушност ги спроведуваат во пракса европските политики.
• Да се мапираат сите 150 и повеќе подготвителни тела на Советот на ЕУ и да се изберат оние чија работа треба внимателно да ја следат надлежните политички претставници и соодветни национални експерти, онаму каде имаме заеднички интерес, преку детални политички и технички брифинзи за агендите, нацрт-политички документи, нацрт-одлуки, законски предлози и сл. Поради правни ограничувања, нашите претставници не може да учествуваат непосредно во работата на работните тела на Советот на ЕУ сè до нашето полноправно членство, но потребно е и многу пожелно да бидеме посредно, но редовно, темелно и детално брифирани и информирани за новите политики, одлуки, стратешки насоки на ЕУ итн. На тој начин националните политики ќе може полесно и попрецизно да се усогласуваат со тие на ЕУ.
• Да се направи попис на сите ИТ-мрежи и бази на податоци во кои земјите од Западен Балкан можат да бидат вклучени, но не само за да внесуваат податоци и статистики, туку и да ги користат достапните податоци, да се приклучат кон шемите за заеднички набавки итн. Притоа од непроценлива вредност е можноста за користење на базите на податоци и размена на информации за масовни безбедноси проверки или податоци за издржани економски и финансиски анализи или податоци за превентивна здравствена заштита на населението итн. Во новиот дигитален свет, пристапот до големите бази на податоци и ИТ-системите, за мала држава со ограничени капацитети, нуди огромни можности за забрзан развој и зголемена безбедност.
Следниот чекор, кога мапирањето и анализата на потенцијалот за фазна интеграција се подготвени, резултатите од таа опсежна вежба треба да бидат проследени со сеопфатна презентација и елаборација на резултатите прво на политичко ниво на земјите од Западен Балкан кои се веќе во процес на пристапните преговори, а потоа и до релевантните национални експерти. Тоа ќе го подигне разбирањето за опсегот, процедурите и техничките елементи кои се потребни за земјава да ги донесе неопходните одлуки на национално ниво и да предложи реална постепена фазна интеграција во областите од заемен интерес. Советот за стабилизација и асоцијација би можел да биде првото ниво на одлучување за некои елементи на фазната интеграција, а Советот на ЕУ и неговите релевантни тела (КОЕЛА, КОРЕПЕР и ГАК) за сите други елементи на фазното интегрирање, каде што е потребна едногласност, односно поддршка од сите земји членки на ЕУ.
Потенцијалот е огромен, можноста е отворена, но голема е и опасноста од погрешни или ненавремени одлуки. Имено, системот на комитети (350 и повеќе), работни тела на Советот (150 и повеќе), децентрализирани агенции (35), програми на Унијата (покрај ИПА, уште 40 и повеќе) и голем број на бази на податоци и комплесни комуникациски и ИТ-мрежи, е извонредно сложен и бара висок степен на познавање на нивната правна рамка, процедури, институционални структури, но исто така бара и значително финансиско учество за да може да се следи нивната работа, а на крајот и најважно, потребен е голем број на експерти со извонреден професионален капацитет кој ќе можат да се вклопат и да се вклучат во работата на сите политички и стручни тела на Унијата. Сепак, извесно е дека користа од нашето учество во работата на комитетите, на работните тела, на агенциите, на КИТ-мрежите и на програмите на Унијата ќе биде позитивна за нас доколку кон оваа комплексна активност пристапиме стратешки, одлучно, со навремени одлуки и секако со компетентни експерти и професионалци кои ќе ги застапуваат нашите државни интереси ефективно и ефикасно, но сепак рационално.

Најчитано