“Подобар договор од овој (?) не е можен“ или „друг договор, од веќе постигнатиот, не е можен“

Тезата која честопати ја слушаме изминатава година е дека „подобар договор од овој (?) не е можен“ што, според мене, суштински е погрешна, односно она што сметам дека добронамерните политичари од моќните евроатлантски стратешки партнери го велат (и го мислат) е дека „друг договор (од веќе постигнатиот) не е можен“. Времето се движи нанапред. Нема втора можност за прв впечаток.



Ќе остане да тлее дилемата дали договорот постигнат во текот на француското претседавање е најдобриот можен, кој беше основа за потпишување и прифаќање на Протоколот бр. 2 од страна на Бугарија, што пак беше предуслов за отстранување на нивното „вето“ за усвојување на Преговарачката рамка и почетокот на пристапните преговори со отворањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година. Но, прифатиле или не, политичка реалност е дека тоа прашање во дадениот момент и дадените околности е затворено. Секоја одлука има политичка цена. Прашањето е дали сме зрели како општество да продолжиме кон зацртаната стратешка цел, членство во Европската Унија, прифаќајќи дека друг договор (од веќе постигнатиот) не е можен и дали сме свесни дека нашата битка за заштитата на идентитетските белези ќе мора да ја биеме во рамките на пристапните преговори. Таа битка не може да оставиме друг да ја бие наместо нас.

Времето е важен фактор, сите имаме, за жал (или за среќа), само по еден (временски ограничен) живот. Имаме краток временски простор да придонесеме во градењето на нашата единствена татковина. Генерациите пред нас со својот придонес, ние со нашиот. Товарот ќе си го носиме, од тоа бегање нема. Од нашиот демократски, политички и дипломатски капацитет зависи што ќе сториме во нашето време. Историјата ќе ги бележи одлуките, а генерациите по нас чувствувајќи ги последиците ќе оценат дали сме донеле исправни или погрешни и штетни одлуки.

Тука некако се вклопува „предупредувањето“ од страна на нашите стратешки партнери дека треба да се „фати“ моментот и да се разбере коректно бранот на проширување на ЕУ кој сè поизвесно ќе се придвижи кон Украина (и Молдавија), а од нашиов регион кон Црна Гора и Албанија. Останува да видиме дали и Македонија ќе биде дел од таа група (?!). Искрено, неколку големи можности да се придвижиме нанапред изминативе децении веќе пропуштивме или со други зборови не беа донесени вистинските одлуки или не беа донесени во вистинскиот момент. Дали може да си дозволиме уште една грешка? Според мене, не, не смееме да си дозволиме погрешна одлука. Во новата геополитичка констелација, чија динамика е крајно непредвидлива, грешки не се дозволени бидејќи може да бидат долгорочно штетни. Нашите стратешки евроатлантски партнери се движат во правец и со брзина која не дозволува колебање, ниту време за „долго“ размислување. Не еднаш ни беше и јавно сугерирано „или сте со нас или не сте“, трета опција нема. Убеден сум дека консензуално, како држава, покажавме и докажавме на која страна на историјата ѝ припаѓаме. Сега е време кога треба да продолжиме да чекориме заедно со стратешките партнери кон целосна интеграција. Членки сме на НАТО, мора да станеме членки и на Европската Унија.

Дали нашите стравови за атакот над нашите идентитетски атрибути со тоа ќе исчезнат? НЕ! Ги имало и ќе ги има. Токму низ тие „удари“ е изградена нашата прва и единствена меѓународно призната држава. Друга немаме! Векови наназад сме опстанале како Македонци со македонски јазик. Обиди да нè нема имало и ќе има, и сите пропаднале. Ако сите околу нас имаат право на свое парче вистина, еднакво право имаме и ние, тоа не може никој да ни го одземе колку и да се обидуваат и колку и да се моќни. Моќта е минлива, вистината ќе трае, а таа евидентно е на наша страна.

Дали ќе станеме веднаш членка на ЕУ? НЕ! Пристапните преговори во најдобри околности ќе траат 5/6 години, а во оптимални услови би можеле да завршат до 2030 година. Услови има и ќе има многу, но европските правни и технички стандарди што мора да ги воведеме во нашиот правен и економски систем се во наша корист и имаат цел да го подобрат социоекономскиот квалитет на живеење. Зарем не е тоа крајната цел на сите реформи?

Дали ќе има и други услови до нашето членство во ЕУ? ДА! Тоа е дел од претпристапниот процес како за сите пред нас така и за нас. Ќе мора да ги одбраниме црвените линии поврзани со идентитетските белези на нас Македонците, никој друг тоа нема да го стори за нас. Тоа е должност што се пренесува од генерација на генерација.

Дали ќе нè „предизвикуваат“ соседите со непринципиелни барања? ДА! Наивно е да веруваме дека тоа нема да се случи. Барем малку познавање на историјата е доволно за заклучок. Ништо не е добиено како подарок и ништо не е дадено за секогаш. Така е за нас, така е и за сите народи околу нас. Треба да одработиме и умно и мирно да се одбраниме, денеска и децении натаму. Тоа успешно го правиме со векови наназад, убеден сум така и ќе продолжиме. Без вишок на емоции, но доследно, упорно и одлучно, без простор за сомнеж во тоа што е наше и природно ни припаѓа, ниту повеќе ниту помалку отколку на сите други.

Дали треба да се откажеме од ЕУ аспирациите за полноправно членство? НЕ! Тоа би било еднакво на предавство. Геополитиката е комплексна тема која бара разбирање, одлуки и дејствување. Погрешните одлуки би биле погубни во услови кога светот толку брзо се менува, независно од нашите желби и очекувања. Прилагодувањето е неопходност за малите нации, а според сите параметри ниедна нација на Балканот не ја надминува мерката на „микро“ нација.
Дали има друга оптимално подобра алтернатива како замена за членство во ЕУ? Големо НЕ! Беспредметно е кој било, барем со просечно разбирање на геополитиката и на историскиот момент во кој живееме, да се обиде да го демантира тој факт. Нема да се најдат валидни аргументи против нашите евроатлантски аспирации.

Дали младите си ја сакаат татковината? Големо ДА! Нема поголеми патриоти од младите, независно од нивната етничка и верска припадност, татковината е незаменлива. Сите сме граѓани на светот, но татковината е една. Дали младите и натаму ќе се иселуваат? ДА! Причините не се само економски, туку многу повеќе надвладува желбата да се живее и да се твори во функционален систем. Дали младите сакаат држава без корупција, без криминал, без непотизам, без клиентелизам? Секако ДА! Тоа е одговорот на сите дилеми, стравови и надежи. Едноставно, кога Македонија ќе стане пристојно место за живеење младите ќе престанат да се иселуваат (случајот на Естонија!). Никој од нас не може да се амнестира и од личната одговорност, сите оние кои биле и се дел од овие стратешки процеси децении наназад. Очигледно не сме сториле доволно за да ја постигнеме целта, но тоа не значи дека стратешката цел е погрешна, напротив. ЕУ беше и останува нашата дестинација, а на патот до таму мора да изградиме функционална демократија и општество кое нуди еднакви можности за секој свој граѓанин. Младите бараат само можност да докажат што можат да сторат за себе, за семејството и за државата. Што не е јасно и кому тоа не му е јасно?

Лесно е да се лаже и да се краде, да се руши и да се уништува, ѓаволски тешко е да се гради и да се создава, да се спроведуваат реформи и да се изградат одбранбени бедеми против корупцијата, непотизмот, клиентелизмот, организираниот и секаков друг криминал. Вистинскиот испит на зрело општество е способноста да се изгради ефикасно и независно судство и професионална и натпартиска администрација, здрав амбиент за цврста и конкурентски способна економија. Тоа е токму сето она што сите партии и политички лидери го „проповедаат“ пред секои избори и токму онаа незавршена работа која си ја предаваат како штафета на секои избори веќе три децении.

Затоа не е само до уставните измени, не е само до членството во НАТО ниту само до членството во ЕУ, што ќе се случи неминовно и спротивно на дежурните душегрижници кои, всушност, и не веруваат во таа цел и интимно како да посакуваат да не се случи. Многу повеќе е до насушната потреба за продолжување на патот на реформите, изборни реформи заради репрезентативност на секој глас и развластување на забеганите „елити“ најчесто со сомнителни дипломи и образование. Многу повеќе е желбата за мир, правда, еднаквост, казнивост, пропаднати во длабоката кал која политичките партии ја произведуваат во неограничени количини. Многу повеќе е потребата за здравствен систем со достоинство и емпатија, изгубена попат во трката за профит, желбата за коректно образование кое им го должиме на нашите деца, внуци и следните генерации. Многу повеќе е неопходноста за економија која можеби никогаш нема да биде европска или светска сила, но барем да може да им даде еднаква можност на сите, не само на партиските послушници, за да може сите да си ја засакаат сопствената држава и да посакаат да се вгнездат со своја фамилија и свој бизнис тука дома, до вековните семејни огништа.

Институциите не им припаѓаат на партиите, тие им припаѓаат и постојат за граѓаните. Затоа секое следно именување на кое било ниво во институциите што би требало да се независни и да се професионални, а што непотребно добило партиски предзнак, треба да се смета како чин на предавство кон државата и да се третира како кривично дело. А за партиските војници кои незаслужено веќе се вгнездиле во државните и локалните органи, во правосудниот систем и сите други извршни тела, но и во безбедносните служби, регулаторните тела, доволно е т.н. „ветинг“ или испит за интегритетот да започне само со едно едноставно правило: секој од нив, кој бил член на кое било партиско тело во последните десет години пред денот на именувањето или изборот, веднаш да ја напушти (не)заслужено или сомнително „добиената“ позиција. Па да се преброиме и да видиме има ли Македонија материјал за сериозна и просперитетна држава.

Нема овие уставни измени да определат во каква држава ќе живееме. До нас е дали сме способни да ја исчистиме од плевелот и да ја доизградиме за да почнеме искрено и да ја почитуваме и да ја сакаме, да ја изградиме европската иднина врз нашата национална историја и инклузивно општество. Тоа, според мене, е вистински патриотизам, сè друго се само „лажни вести“.

На крајот ќе забележам дека некако незабележливо, токму сред летото, Европската комисија го објави нацртот на Скрининг извештајот за кластерот Фундаменти, за кој ќе пишувам во следниот број на Економија и бизнис, а кој според мене е еден од најважните документи кој се однесува на состојбите во нашава држава во последниве десетина години. Извештајот е реална и на места сурова слика за нашата вистина, каде сме во делот на владеење на правото, правосудството, корупцијата, организираниот криминал, фундаменталните права, безбедноста и разузнавачките служби, каде сме во делот на функционалноста на демократските институции и реформата на јавната администрација, во економските реформи и конкурентноста, во вердостојноста на статистичките податоци, процедурите на јавните набавки и користењето на јавните пари.

Познато е дека овој кластер се отвора прв и се затвора последен во текот на пристапните преговори, што значи дека наодите на Комисијата и условите кои ќе ги наметне Советот на ЕУ (односно земјите членки) ќе бидат нашата домашна задача во реформските процеси наредниве години. Силно посакувам да го продолжиме патот кон членство во Европската Унија и да ги забрзаме реформите, а со тоа и преговорите. Но, ако за уставните измени засега нема мнозинство, за клучните реформи мнозинство МОРА да има.

Најчитано