Технолошка трансформација на микро, на малите и на средните претпријатија во Македонија со ГоДигитал

Во ера каде што линијата меѓу успехот и стагнацијата сè повеќе се дефинира со дигиталната моќ, императивот за бизнисите да тргнат на патот кон дигитална трансформација никогаш не бил поитен. Ова е особено важно за македонските микро, мали и средни претпријатија (ММСП) кои го формираат столбот на македонската економија. Лансирањето на Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“, поддржан од Македонија2025, означува клучен момент во посветеноста на земјава за поттикнување на дигиталното усвојување и адаптација меѓу нејзините бизниси.


Македонските ММСП на крстопат на дигиталната трансформација
Истражувањата покажуваат дека бизнисите кои се вклучени во дигиталната трансформација постигнуваат раст на приходите, оперативна ефикасност, поголемо задоволството на клиентите и сл. Дигитализацијата денес е неминовна, не е прашање на волја или на избор. На пример, извештајот на Меѓународната корпорација за податоци (Бизнис жица, 2020)1 предвидува дека до 2022 година 65 % од глобалниот БДП ќе биде дигитализиран при што растот во секоја индустрија ќе биде поттикнат од дигитално подобрените понуди, операции и односи. Во земјите во транзиција, пак, дигиталните технологии им овозможуваат на бизнисите да прескокнат одредени фази на развој, овозможувајќи им да се натпреваруваат поефикасно на меѓународната сцена (ЕИБ, 2020)2.
Расположливите податоци од студијата на Македонија2025 (2022)3 покажуваат дека македонските компании, особено микро и малите, сè уште се во голема мера аналогни и не инвестираат ресурси во дигитализација. Така, само eдна третина од компаниите во Македонија се дигитално зрели. Додека 100 % од големите компании се дигитално зрели, тоа е случај за само 1 од четири од компаниите кои се класифицираат како мала/домашна канцеларија. Иако во просек македонските компании заостануваат зад компаниите од ЕУ, разликите во т.н. дигитален интензитет се различни по индустрии. Графиконот 1 покажува дека разликата меѓу земјите на ЕУ-27 и Македонија е најголема во секторот на стручни, научни и технички дејности, додека пак најмала кај секторот информации и комуникација.

Графикон 1: Претпријатија со висок индекс на дигитален интензитет (2021)
(Извор: Евростат)


Доказ за ниската свесност и потреба за дигитализација на македонските компании е и фактот дека само 1 од 10 македонски компании обезбедуваат ИКТ за своите вработени, што е половина од просекот на ЕУ-27. Без овој клучен ресурс не е можно подобрување на дигиталната зрелост на компаниите. Интерниот извештај на Развојната банка на Северна Македонија (2022)5 покажува дека 65 % од анкетираните компании сфаќаат дека може да го унапредат своето работење во одредени области со примена на дигитални решенија, но се соочуваат со значајни предизвици како:
– Недоволно познавање на работните процеси (оперативно ниво) што е основа за оптимизација на процесите со користење на дигитални решенија (компаниите не ги препознаваат можностите кои ги нуди дигитализацијата).
– Пристапот до финансии е важен за поттикнување на дигиталната трансформација на ММСП, но само во корелација со достапна екпертиза и знаење (консултантска помош) која на компаниите ќе им направи анализа и ќе им ги предложи најдобрите дигитални решенија соодветни за нивните деловни предизвици.
Покрај ограничен пристап до финансии и експертиза (недостиг на сопствено знаење), македонските ММСП се соочуваат и со дополнителни предизвици како ограничен пристап до технологија, отпорот кон промени кај менаџментот и/или тимот, ограничен пристап до информации итн. Оттука извештајот6 укажува дека се потребни активни политики и мерки за да се поттикне дигиталната трансформација на македонските ММСП по примерот на некои земји во регионот.
Во долгогодишната соработка и поддршка од страна на Македонија2025 на компаниите во Македонија, идентификувани се токму овие бариери или недостиг на екосистем кој ќе информира, ќе нуди знаење и експертиза за дигитализација и ќе им помогне на компаниите да ја почнат трансформацијата кон дигитални, ефикасни и конкурентни компании. Поведени од тоа, Македонија2025 неодамна основаше фондација Центар за дигитална трансформација „ГоДигитал“. Поддржан од Македонија2025, ГоДигитал има цел да ја забрза дигиталната трансформација на македонските ММСП преку обезбедување на:
1) експертска помош за идентификување на предизвиците и на можностите на компаниите за примена на дигитални технологии и
2) кофинансирање на компаниите за дигитализација согласно наодите од експертската помош.

Со цел развивање на пазарот на експертска помош, односно консултанти специјализирани во областа на дигитализацијата, ГоДигитал започнува со меѓународна обука и сертификација за деловни консултанти искусни во е-трговија, дигитален маркетинг, сајбер безбедност или дигитална трансформација. Во втората фаза, селектирани компании ќе имаат можност да работат со консултантите и ќе бидат кофинансирани со ваучери од страна на ГоДигитал за имплементација на дигитални решенија. Веруваме дека со оваа програма ќе ги опремиме бизнисите со потребните алатки и знаење за навигација низ дигиталниот свет.
Иако силно веруваме во моќта за позитивни промени и во успехот на ГоДигитал, сепак сметаме дека исчекорот би бил поголем доколку дигитализацијата ги опфати сите сфери и сектори: влада и јавни институции (е-услуги), бизнисите, како и граѓаните и нивната дигитална писменост. Македонија2025 е подготвена да учествува во сите процеси на дигитализација и во сите сектори преку поддршка со знаење, со експертиза, со имплементација, со финансирање итн. Основањето на ГоДигитал е првиот чекор кон реализација на таа наша идеја и мисија.

Повеќе од истиот автор

Најчитано