Привлекувањето на СДИ е еден од главните столбови на стратегијата за економски развој за малите и за отворените економии и обезбедува добра отскочна штица доколку се спроведе правилно заедно со други економски мерки и реформи за да се поттикне земјата да стекне статус на земја со средно ниво на доход. Ова беше случај со бројни источноевропски поранешни комунистички земји, особено по нивното пристапување во ЕУ.
Со оглед на геополитичките промени и глобалните економски случувања, да се има правилно дизајниран и функционален механизам за проверка на СДИ станува сè поважно и станува задолжително за секоја земја која веќе е или сака да стане членка на ЕУ. Овој механизам има цел да ги заштити безбедноста и јавниот ред.
Механизмот за соработка на ЕУ за скрининг на СДИ
Во однос на механизмот за скрининг на СДИ, ЕУ има правила кои се дел од таканаречениот „механизам за соработка“. Овие правила се вградени во посебна регулатива на Европскиот парламент и на Советот. Регулативата воспоставува рамка за скрининг на СДИ во Унијата. Таа дава детали за дефинициите на главните опфатени концепти, за механизмите за скрининг на земјите членки на ЕУ, за факторите што може да ги земат предвид земјите членки или Комисијата во текот на процесот на скрининг, за механизмот за соработка, за барањата за информации, за доверливоста на процесот, за воспоставувањето на точки за контакт, за меѓународната соработка во однос на предметното прашање, за евалуацијата на механизмот за скрининг итн.
Регулативата на ЕУ поврзана со механизмот за скрининг на СДИ е само за координативни цели. Конечната одлука во овој скрининг процес ја носи самата земја членка. Механизмот за координација овозможува меѓународна соработка на земјите членки и на Европската комисија со трети земји.
Постои неисцрпна листа на фактори што треба да се земат предвид за процесот на скрининг. Така, безбедноста и јавниот ред би можеле да бидат загрозени кога потенцијалнa СДИ можe да влијаe на критичната инфраструктура (вода, здравје, енергија, транспорт, комуникации, медиуми, одбрана, финансиска инфраструктура итн.). Дополнително, треба да се земат предвид критичните технологии и ставките за нивна двојна употреба, слободата и плурализмот на медиумите, пристапот до чувствителни информации и снабдувањето со критични инпути.
Важен аспект на СДИ што треба да се процени е нивото на контрола што ja врши странската влада во однос на странскиот инвеститор. Ова вклучува проценка на учеството на владата (во различни форми) во сопственичката структура на странскиот инвеститор и/или финансирањето на СДИ, вклучително и преку владините субвенции.
Како и обично, треба да се оцени однесувањето на странскиот инвеститор − неговата вмешаност во незаконски или криминални активности или претходна вмешаност во активности кои влијаеле на безбедноста и на јавниот ред во земја членка на ЕУ.
Годишниот извештај на Европската комисија за скрининг на СДИ за 2022 година укажува дека употребата на скрининг на СДИ во ЕУ продолжува да расте. Тоа покажува дека во однос на земјите членки, 55 % од СДИ се формално проверени во 2022 година при што 66 % од известувањата за скрининг биле направени од 4 земји членки, а 1 % се блокирани трансакции. Во однос на механизмот за соработка на ЕУ, 17 земји членки доставиле 423 известувања до Европската комисија за скрининг на СДИ. Од крајните инвеститори 23 % биле од САД, 7,6 % од Велика Британија, 5,4 % од Кина итн., а 81 % од случаите се решени во рок од 15 календарски дена.
Механизми за скрининг на СДИ на избрани земји членки на ЕУ
Анализирани се механизмите за скрининг на СДИ на Естонија, на Унгарија и на Чешка. Тие се избрани врз основа на неколку фактори како што се: големината на населението, БДП по глава на жител, отвореноста на економијата, учеството на СДИ во БДП, географската локација и политичката поставеност на земјата (не е федерација итн.).
Естонија
Естонија има донесено посебен закон во врска со скринингот на влезните СДИ. Скрининг механизмот е прилично јасен и едноставен. Странските инвестиции кои се предмет на авторизација не можат да се завршат пред да се добие авторизација.
Оперативно, институција одговорна за скрининг механизмот за СДИ е Регулаторното тело за заштита на потрошувачите и технички прашања. Тоа е јавна институција задолжена за зајакнување на пазарната и на безбедносната регулатива и за обезбедување побезбедна околина за потрошувачите.
Клучното тело за скрининг на инвестициите што функционира во рамките на Регулаторното тело за заштита на потрошувачите и технички прашања е Комисијата за странски инвестиции. Во составот на оваа Комисија има претставници од широк спектар на институции кои можат да придонесат за правилна проценка на заканите по безбедноста и јавниот ред кои доаѓаат од некоја странска инвестиција.
Комисијата за странски инвестиции е одлучувачко тело, додека пак Регулаторното тело за заштита на потрошувачите и технички прашања е оперативно тело во процесот на скрининг. Скринингот се врши во рок од 30 календарски дена од датумот кога е поднесена комплетната апликација. Овој временски рок може да се продолжи под одредени околности.
Скрининг механизмот за СДИ во Естонија опфаќа само инвестиции кои доаѓаат од трета земја во согласност со значењето на тој термин предвиден во Законот.
Чешка
Чешката политика за странски инвестиции во минатото беше многу либерална. Чешка е една од петте најотворени економии во светот кои обезбедуваат многу поволности за привлекување странски инвестиции. Инвестициите се регулирани само во одредени бизнис-сектори како што се: производство на муниција, пиротехничка индустрија, индустрија за електронски комуникации, банкарство и енергетика.
Во февруари 2021 година беше донесен новиот Закон за скрининг на странските инвестиции (Закон за СДИ). Тој е во сила од 1 мај 2021 година, не е ретроактивен и затоа не може да се примени за инвестиции направени пред овој датум како што е случајот во некои други земји членки на ЕУ.
Механизмот за скрининг на инвестициите комбинира два режима: секторски и меѓусекторски. Првиот режим (ex ante) дефинира тесна група на најчувствителни области, меѓу другото, производство и развој на воен материјал или стоки со двојна употреба или функционирање на елементи на критичната инфраструктура. Вториот режим (ex officio) е меѓусекторски, односно се применува во сите други сектори кои имаат потенцијал да ја загрозат државната безбедност или нејзиниот внатрешен и јавен поредок. Во овој случај, Министерството може да иницира скрининг во рок од 5 години од завршувањето на странската инвестиција доколку претходно не била извршена консултативна процедура.
Согласно Законот за СДИ може да се иницира скрининг во однос на која било странска инвестиција која може да ја загрози безбедноста на Чешка или на нејзиниот внатрешен или јавен поредок. Скринингот на инвестициите во медиумите е регулиран и во Законот за СДИ. Со оглед на тоа што Законот за СДИ е на сила само две и пол години, постои многу ограничена релевантна практика на властите и сè уште нема случаи кои би можеле да се споменат. Најмногу прегледувани инвестиции се однесуваат на секторот за информатичка и комуникациска технологија.
Унгарија
Близината до пазарот на ЕУ, задоволувачката инфраструктура, сè уште поволното ниво на плати и константно доброто ниво на образование ја етаблираа Унгарија како поволна локација за инвестирање. Обемот на инвестиции е двојно зголемен во последниве четири години.
Во Унгарија сега се применуваат два паралелни механизми за скрининг на СДИ. Првиот механизам има релативно тесен опсег во однос на опфатените сектори (национална безбедност, јавни комунални услуги и одредени финансиски услуги), додека пак вториот механизам опфаќа повеќе сектори и активности и предвидува значителни исклучоци како што се оние за индиректни трансакции. И двата режима се фокусираат на потеклото на инвеститорот и активностите на домашните целни компании.
Министерот разгледува дали странската инвестиција „ги загрозува безбедносните интереси на Унгарија“. Надлежните министри во рамките на релевантните режими за скрининг на СДИ уживаат значително широка дискреција и овластувања да одобруваат или да отфрлаат трансакции врз основа на загрозување на националната безбедност и на јавниот ред.
Иако од надлежниот министер се бара да ги приложи причините за одлуката за забрана, укажувајќи особено на јавниот интерес за кој се смета дека е повреден или загрозен, Законот за СДИ му дозволува на надлежниот министер да донесе одлука за забрана која содржи само поедноставено збирно образложение кое, во секој случај, не е дозволено да содржи класифицирани информации. Ниедно од надлежните министерства нема ставено на располагање никакви официјални упатства за нивните критериуми за оценување кои произлегуваат од соодветните закони за СДИ. Одлуките за одобрување или за забрана не се јавни.
Во 2021 година, Министерството за внатрешни работи ја блокираше австриската Виена иншуренс груп во намерата да ја купи унгарската филијала на холандската осигурителна компанија Аегон, попречувајќи ја аквизицијата од четири земји. Владата му издаде на Министерството специфично овластување за блокирање на овој вид продажба во ноември 2020 година, само еден ден пред страните да се договорат за продажбата.
Заклучок
Трите земји кои беа анализирани се добри примери на мали и на отворени економии со значителен фокус на привлекување СДИ во последниве 30 и повеќе години, кои доживеаја значителен економски раст и подобрување на квалитетот на животот. Случајот со Естонија може да послужи како водич за воспоставување механизам за скрининг на СДИ кога станува збор за земја со многу мала популација и релативно ограничени расположливи ресурси. Сè уште „младиот“ механизам на Чешка одигра витална улога во одвраќањето на потенцијално ризичните инвестиции. Зачестеноста на јавните извештаи со нивните делови за прашања и одговори е уникатен пристап кој треба да ја зголеми отпорноста на меѓународниот систем на трговија и безбедноста на синџирите на снабдување. Комплексноста на унгарскиот механизам за скрининг на СДИ на прв поглед може да создаде амбиент на арбитража, на субјективност и на правна несигурност. Регулаторниот дуализам може негативно да влијае на привлечноста на земјата за инвеститори, истовремено обезбедувајќи простор за дискрециска моќ за властите.
Поддржано од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), од Скопје, Северна Македонија, со поддршка од Центарот за меѓународни приватни претпријатија (ЦИПЕ) со седиште во Вашингтон












