Нема послатка радост од радоста на аутсајдерот кога ќе ја победи екипата на нејзин терен, во нејзината игра. Луѓето отсекогаш сакале такви приказни кои внесуваат неред во строго структурираниот поредок во светот, кој цврсто ги држи во својата железна прегратка. Чувствуваат, нередот води кон спротивставеност, а спротивставеноста на две сили, кон промена. А на човека промената му е неопходна колку и да ѝ се опира понекогаш длабоко во себе. Промената е гориво на прогресот.
Возбудата од „аутсајдерски“ успех претпоставено лежи, на пример, и во желбата на некои жени да се истакнат во т.н. машки професии. Да се покажат онаму каде што традиционално доминира „посилниот“ пол. Да ги надиграат на „нивни“ терен и така да заслужат почит. Таквиот подвиг во себе носи еден особен вид предизвик. Предизвик, од дотогаш обичниот маж или жена, да се појави на светлото на денот едно ново, херојско суштество.
За да може вакво нешто да му успее, аутсајдерот секогаш мора да исполни еден предуслов. Тој (или таа) во срцето мора постојано да го одржуваат запален пламенот на страста за „играта“. И за победата. Уште од најраните митолошки преданија, па сè до денешно време на филмски сценарија, наративот на приказните постојано го следи овој терк, а публиката секогаш навива за нетипичниот херој кој од никој и ништо на крајот ќе се претвори во јунак со големо „ј“. Исто е и во книжевноста. Во бајките, свињарот ќе се покаже подостоен од принцот, а парталавата девојка ќе ја фрли во сенка злата принцеза и тоа среде нејзиниот раскошен свет. Уметноста секогаш го копира животот, и обратно.
Херојот кој прави пресврт речиси никогаш не доаѓа од високо, туку од долу, од дното на животот. Херој е оној кој ќе се осмели, кој нема да се помири со околностите кои го ограничуваат и ќе успее да се крене над неволјите со силата на своето срце. Срцето, и она што херојот го чувствува, се клучни за неговата херојска улога. Тие му се водилки затоа што и нема многу разум во одлуката некој да се крене против сила помоќна од него самиот. Ако срцето затаи, разумот со својата прагматичност ќе се погрижи да го задржи во зоната каде што е безбедно и комотно. Од друга страна, комодитетот раѓа конформизам, тој пак клиентелизам, клиентелизмот води во корупцијата, а таа во криминал. Целата оваа низа е рецепт за сигурна пропаст на една човечка заедница. Поради тоа здраво е и често исправно во животот, освен разумот, да се следи патот на срцето и на инстинктот.
Конформизмот често може да се сфати како слепа улица исполнета само со содржини за консумирање. Комотниот човек првин ги исклучува чувствата, а на нивно место се шири егото. Тој веќе не сака за ништо да се бори. Ништо не создава, само консумира продукти и содржини. Храна, облека, идеи, уметност, сè станува конфекциски производ за брза употреба. Ако во одреден временски интервал не се појави некоја нова содржина, паѓа во зависничка криза. Ново, поново, најново – постојано мора да се има нешто за трошење. Тоа е движечката сила на денешниот човек потрошувач, која општеството ја преточува во борба за „профит, само профит и уште поголем профит“.
Така, полека, но сигурно, вистинската возбуда на херојот кој се исправа пред големиот животен предизвик прераснува во нешто сосема поинакво. Нашиот херој се скрил, пропаднал во удобната мекост на каучот, опкружен со светлечки екрани кои му играат пред очите, празнејќи му го умот од секоја конструктивна мисла. Сонува за празнина, голема и бескрајна, која му останала на местото каде што некогаш биело срцето.
Креативните поединци по правило се маргинализирани на периферијата од овој систем. Обезвреднети им се секој труд и дело, иако се токму тие оние кои се движечка сила на универзумот со чудна внатрешна конструкција.
Херојството како начин на живот, неговото постоење во еден свет, секогаш значело постоење на оптимизам, на надеж. Најстрашен од сите светови е светот без надеж во подобро утре. Свет сив и едноличен, како чувството на депресија.
Понекогаш се прашувам што ги терало луѓето да раѓаат деца во мрачните историски периоди, осудувајќи ги така на тежок и на мачен живот. Дали е тоа само нагонот за одржување или ги водела мисла, надеж, некој замислен херој на кој му се восхитувале? Народните приспивни песни опеваат токму еден таков мотив, мајка која лула дете, замислувајќи го како иден јунак. Полагале надеж во херојот, во херојското во секој човек, во некој од скромно потекло, кој ќе се спротивстави на тиранинот, на поробувачот или на цел еден систем кој уништува луѓе и народи, без оглед што борбата ќе биде нерамноправна, а законот на страна на силникот.
Но, луѓето некогаш искрено верувале во моќта на чистото срце, во чувството на должност и во храброста. Една по една, овие особини полека исчезнуваат од современиот свет кој е опседнат само со себични, лични потреби и има сè помалку емпатија.
Понекогаш ќе нè изненади вест за некое херојско дело или за победата на слабиот над силниот во нерамномерната битка за моќ, за власт или за праведност, па ќе останеме зачудени над таквата случка како да се работи за анахронизам, за некаков далечен одек на веќе исчезнатата човечност.
Изгубена ли е човештината во човекот или само спие, зашеметена, во длабочините на душата и чека некои подобри времиња? Човекот може да се бори со сè во природата, но најслаб е во борбата со самиот себе. Еднаш кога ќе се ослободи и од совеста, кога ќе ја изгони, да не ѝ го слуша гласот додека ужива во својот бесмислен живот, опкружен со играчки кои му ги затапуваат сетилата, тогаш ќе почне неговата конечна пропаст.
Сепак, да не губиме надеж. Некаде сигурно веќе се раѓа некој иден херој. Некој кој ќе биде доволно силен еден ден да нè спаси од нас самите.










