ДAНСКА ПОШТА ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ДОСТАУВА ПИСМА

Данската државна поштенска служба ПостНорд ќе престане да ги доставува сите писма на крајот на 2025 година, откако нивниот број е намален за 90 отсто од почетокот на овој век. Со оваа одлука се става крај на услугата која компанијата ја дава 400 години. Оваа одлука најмногу ќе влијае на постарите луѓе.

Од почетокот на јуни ќе започне отстранувањето на 1.500 поштенски сандачиња низ Данска. Бројот на испратени писма е намален од 1,4 милијарди на почетокот на овој век на 110 милиони минатата година.

Томас Даниелсен, министерот за транспорт, им објасни на граѓаните дека сепак ќе биде можно да се испраќаат и примаат писма бидејќи има „слободен пазар за писма и пратки“.

Поштенските служби низ Европа се соочуваат со намален број на писма што се испраќаат. Германската пошта во четвртокот објави дека ќе укине 8.000 работни места на „социјално одговорен начин“. Претставници на германските пошти рекоа дека стравуваат дека во иднина ќе има дополнителни отпуштања.

Испраќањето пораки преку интернет го презеде „пазарот“ на испраќањето на писма. Од ПостНорд велат дека ќе се фокусираат повеќе на испорака на пакети. Сепак, од 4.600 вработени, 1.500 би можеле да останат без работа.

Данска е меѓу најдигитализираните земји во светот. Апликации има речиси за се, малку луѓе користат готовина, а Данците дури носат здравствени картички и возачки дозволи на своите паметни телефони.

Банкарските изводи, фактурите, кореспонденцијата со локалните власти се испраќаат по електронски пат.

Јавните служби испраќаат документи преку апликацијата Digital Post или други платформи.

Иако 95 отсто од Данците користат услуги за дигитална пошта, 271.000 жители сè уште се потпираат на традиционалните писма, пренесува Б92.


фото freepic

Повеќе од истиот автор

Најчитано