Единствениот асфалтиран пат до село Галичник води низ националниот парк Маврово, покрај самото Мавровско Езеро. На околу 2,5 километри пред скијачките терени, патот скршнува на запад и се извишува по прекрасните падини на Бистра и оттука се потребни уште околу петнаесетина километри за да се пристигне во селото. Со оглед на големата надморска висина од околу 1700 м н.в., патот не е прооден во зимски услови. По патот впечатлив е споменикот на педесет и двајцата градежници кои го загубиле животот во снежната лавина во 1956 година при градењето на мавровскиот хидроенергетски систем, браната, а горе е и прекрасниот поглед на Мавровското Езеро, понорот Тони Вода, врвот Меденица… Другата варијанта за пристап до селото што е, исто така, атрактивна и може да се користи за планинарење е пристапот од прекрасното село Јанче, сместено во близина на дивата Радика, од кое се потребни околу 1,5 ‡ 2 часа пешачење.
Пределот е прекрасен за пешачење, кампување, престој во некоја од селските куќи, но и за активен туризам како: планински велосипедизам, планинарење, скијање. Во последно време посебно атрактивно е јавањето, а за оние физички поспремните и организираното планинско трчање во должина од 25 км (Беличица ‡ Меденица ‡ Беличица).
Меденица со 2.163 метри м н.в. и врвот Карбула со 2.148 м н.в. се највисоките врвови на Бистра од каде што се отвора прекрасен пејзаж кон, од една страна, Мавровското Езеро, а од спротивната страна прекрасниот планински венец почнувајќи од Шар Планина, Кораб, Дешат и целиот рекански регион. Секој подолг престој во селото мора да се искористи и за искачување на некој од овие врвови.

Селото е сместено на природен чардак со југозападна диспозиција кон дебарскиот крај. Можеби најдоброто место за одмор и за уживање во огромното пространство што се отвора пред Галичник е хотелот „Неда“ од каде што при ведро време погледот допира и до Дебарското Езеро.
Во непосредна близина на селото е и реката Ѓеневица, лева притока на Радика, со должина од само околу 8 км, примамлива по тешко пристапниот кањон и бројните водопади и каскади.
Централно место во селото има црквата „Св. Петар и Павле“ во чија непосредна близина се наоѓа и амфитеатарот пред кој се одржува дел од познатата манифестација Галичка свадба. Галичката свадба се одржува секоја година на Петровден и е најдобриот ден за посета на тој крај. Иако со огромна посетеност, манифестацијата е одлично организирана, па превозот и паркингот не се никаков проблем. Единственото нешто за кое треба да се размислува пред секоја посета е евентуалното претходно резервирање на престој во селото, со оглед на малиот капацитет за сместување на гости, или порано пристигнување со цел да се осигури подобро место во амфитеатарот и подобар преглед на манифестацијата. Галичка свадба е еден од најбитните настани поврзани со негувањето на македонскиот идентитет преку запознавање на новите генерации со заборавените адети, прекрасната музика на Мајовци и неизбежната зурла и тапанот, најдобрата македонска носија и најпрепознатливото македонско оро „Тешкото“. По секоја посета на оваа манифестација сè посилни и потешки се стиховите од Блаже Конески.
Ден пред секоја свадба, во близина на Галичник се одржуваат и дегустации на сирења, но и натпревари во борба на пеливани, натпревари во брзо стрижење на овци и слично.

Галичник е родното место на Макарија Фрчкоски, Лазар Личеноски, Партениј Зографски, Александар Сариевски и многу други личности кои оставиле значителен белег во нашата историја. Посебно високо место зазема Ѓорѓија Пулевски, авторот на според многумина првата македонска граматика, Славјанско-македонската општа историја, Тријазичникот (Речникот на македонски, албански и турски) и еден од првите интелектуалци кој е поборник на идејата дека македонскиот јазик е посебен и дека македонскиот народ е со изградени разлики во однос на другите соседни народи. Оттука сосема оправдано сред селото постои голема статуа на Пулевски.
Галичник, македонскиот бисер, е местото во кое е споена цела македонска убост, природната убавина, специфичната архитектура, носија, музика, обичаи… место што напролет задолжително треба да се посети.










