Цените на земјоделските производи во Европската Унија се зголемија за 2,6 проценти во првиот квартал од оваа година, а најмногу поскапеа млекото, јајцата и житарките, објави Евростат. Цената на маслиновото масло се намали за повеќе од 40 проценти.
Од главните земјоделски производи, цените на млекото се зголемиле за 12,6 проценти, јајцата (10,7 проценти) и житарките (9,6 проценти), во споредба со првиот квартал од 2024 година.
Зголемувањето на цените на земјоделските производи е забележано во 23 земји-членки на ЕУ. Највисок раст на цените има во Ирска (19,3 проценти), Луксембург (15,6 проценти) и Унгарија (14,6 проценти).
Цените се намалиле само во Шпанија, за 9,7 проценти, Грција (7,1 процент), Португалија (2,8 проценти) и Малта (два проценти).
Растот на цените на земјоделските инпути, како што се енергијата, ѓубривата или храната за животни, изнесуваше 0,2 проценти, а беше забележан во 14 земји-членки.
Ветеринарните трошоци се зголемија за три проценти, ѓубривата за 0,9 проценти, а енергијата за 0,7 проценти.
Најголем пораст на цената на земјоделските инпути во првите три месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година е забележан во Унгарија (6,8 проценти), Холандија (6,2 проценти) и Романија (5,8 проценти), пренесува Н1.





