Токсичните односи разболуваат, уништуваат животи, семејства, кариери, планови,… Живееме во општество кое поддржува нечесност, манипулации, лаги, лажни вредности, лажни дипломи, лажни личности, користољубие,… Се форсираат површноста, егоцентризмот и материјалното. Се „мижи“ пред квалитетот, моралот е заменет со неморал, правдата со неправда, добриот вкус со невкус. Владејат формата и инстант вредностите, а не суштината, вели за МИА Слаѓана Васовиќ, автор на книгата „Преврски“.
Васовиќ, магистер по политички науки и долгогодишен новинар со завидно искуство во печатените, радио и телевизиските медиуми, открива што ја поттикнало да пишува за нарцизмот, нарцисоидната култура, нарцисоидните односи и релации, зошто смета дека се ова исклучително битни, но и „тешки“ теми за кои треба да се разговара, дали воопшто го препознаваме овој феномен, колку како заедница сме сензибилизирани – реагираме или не, укажуваме или се правиме како ништо да не се случува, прифаќаме, колку сме колективно зрели како општество.
Нарцизмот, потенцира, го има секаде – дома, на работните места, во институциите, фирмите,… Не е родово базиран, има и мажи и жени жртви. Нарцисоидната злоупотреба е уникатен облик на насилство, скриен, но целосно разорувачки. Тоа, според Васовиќ, е механизам за заштита на незрелите личности.
Мора да се работи, смета авторката, на создавање амбиент во кој луѓето ќе можат да ги сочуваат својот интегритет и автентичност. Тогаш ќе имаме здраво општество. Тоа е многу поврзано со чувството на почит и самопочит. Мора да се работи и на подигнување на свеста за препознававање на манипулативноста. Треба да се бара искреност. Голем дел од проблемите лежат во комуникацијата. Манипулативноста „расипува“, а искреноста е лекот, колку и да звучи романтично, вели Васовиќ во разговорот за МИА.







