Македонски Телеком со одлични резултати во првите девет месеци од 2025 година – раст на нето добивката за 14,9%

Македонски Телеком и во првите девет месеци од 2025 година продолжи со одлични резултати. Ова е резултат на успешното работење, фокусот на модернизација и ширење на мрежната инфраструктура и пионерство во имплементација на новите технологии со цел најдобро корисничко искуство.

Раст на приходите од продажба за 1,6%. Приходите од продажба на крајот од првите девет месеци од 2025 година бележат зголемување од 1,6% во споредба со истиот период од претходната година и изнесуваат 9.198 милиони денари. Во рамки на приходите од основниот бизнис се бележи благ раст од 0,6% кај фиксните услуги, и раст од 1,5% во мобилниот сегмент споредено со истиот период од претходната година, додека приходите од системска интеграција бележат значително зголемување од 28,6%.

Зголемување на EBITDA за 6,1%. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) во првите девет месеци од 2025 година изнесува 4.111 милиони денари. Истата е зголемена за 6,1% во споредба со истиот период од претходната година заради намалените оперативни расходи и зголемените приходи од продажба.

EBITDA маргината во првите девет месеци од 2025 година е зголемена за 1,8 процентни поени и изнесува 44,3% во споредба со 42,5% на крајот од истиот период од претходната година.

Раст на нето добивката за 14,9%. Како резултат на движењата на страната на приходите и трошоците како и финансиските приходи и расходи, нето добивката во првите девет месеци од 2025 година година е зголемена за 14,9% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 1.881 милиони денари. Зголемувањето е резултат на намалените оперативни расходи и зголемените приходи од продажба делумно компензирано со намалените финансиски приходи кои произлегуваат од прикажувањето на објективна вредност на финансиските средства (акции во други македонски компании) искажани преку добивката.

Повеќе од истиот автор

Најчитано