Хрватскиот пазар на недвижности забележа значителен пад на прометот во првата половина од годината. Продажбата падна за речиси 15 проценти на ниво на целата земја, а рекордер е Сплитско-далматинската жупанија со пад од дури 30 проценти.
Годишно во Хрватска се продаваат околу 27.000 станови, најмногу во Загреб и на приморјето, каде што цените по квадратен метар се највисоки. Сепак, токму нереално високите цени доведоа до забавување на пазарот. Освен споменатиот пад од 15 проценти на национално ниво, Загреб и Истра забележаа пад на продажбата од 20 проценти, додека во Далмација дури секој трет имот не најде купувач.
Дубравко Раниловиќ, претседател на здружението за недвижности во ХГК, ги наведува рецесијата и глобалната неизвесност како главни причини.
„Но, најголемиот одговор што го добиваме од агенциите е дека цените всушност се превисоки“, истакнува Раниловиќ.
Анита Лозо од Сплит смета дека не станува збор за криза, туку за психолошки момент. Според неа, на пазарот му е потребно време да се прилагоди на новата реалност во која купувачите повеќе не се подготвени да плаќаат речиси иста цена за стари и за нови згради.
„Најважната причина е што речиси ги изедначивме цените на старите згради со цената на новите згради, што воопшто не е одржливо на долг рок“, објасни Лозо.
Слична е ситуацијата и во Истра, каде што се очекува и корекција на цените. Послабата продажба таму се припишува на намалениот интерес од странските купувачи.
„Цените го достигнаа својот врв. Ако знаеме дека уделот на странците во купувањето во Истра е доста голем, најголемиот број купувачи доаѓаат од земји кои моментално се погодени од кризата, поточно Германија и Австрија. Ситуацијата со нив е сè уште иста и сè уште е неизвесна економски и дефинитивно влијаеше на пазарот“, вели посредник за продажба на недвижности од Пула, Тина Миховиловиќ.
Агентите често се соочуваат со нереални барања од сопствениците на кои им е тешко да прифатат дека нивниот имот не вреди толку колку што замислувале, пренесува Блиц.
Фото Економија и бизнис






