Лери Финк (Larry Fink), претседател и извршен директор на BlackRock и привремен ко-претседател на Светскиот економски форум, во своето обраќање на отворањето на Давос 2026 испрати јасна порака дека глобалниот економски систем се соочува со криза на доверба и легитимитет.
Според Финк, иако Светскиот економски форум бележи рекордна посетеност, голем дел од јавноста го доживува како елитен собир оддалечен од реалните проблеми. Затоа, враќањето на довербата мора да започне со поголема транспарентност, поширока вклученост и појасна дефиниција на економскиот успех.
Клучната слабост на досегашниот модел, според него, е начинот на кој е распределен растот. Просперитетот не смее да се мери само преку БДП и пазарни вредности, туку преку тоа колку луѓе можат реално да учествуваат во него.
Финк предупреди дека вештачката интелигенција носи ризик да ја продлабочи нееднаквоста, бидејќи раните придобивки одат кај сопствениците на технологијата и инфраструктурата. Доколку ВИ го повтори ефектот што глобализацијата го имаше врз индустриските работни места, овојпат врз „white-collar“ секторот, притисокот врз општествата ќе биде уште поголем.
„Вистинскиот тест е дали капитализмот може да еволуира така што повеќе луѓе ќе станат сопственици на растот, а не негови набљудувачи“, порача Лери Финк.
Тој најави дека Светскиот економски форум ќе мора да излезе од рамките на Давос и да води вистински дијалог и со оние што не се дел од елитните кругови, доколку сака да ја задржи својата улога во обликувањето на глобалната економска иднина.







