Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип е домаќин на тридневна работилница во рамките на проектот „Европска универзитетска алијанса ACE 2 EU“, на кoјa се собрани истражувачи од сите девет универзитети членки на Алијансата. На денешното свечено отварање присуствуваа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ректорот на УГД – Штип, Дејан Мираковски, и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека Владата и Министерството ги поддржуваат ваквите настани и, како што рече, го поздравуваат ангажманот на УГД, „кој повторно покажува дека најновите теми што се појавуваат во Европа и од научен и од апликативен аспект може да ги имплементира, да организира и нивна имплементација во државата“.
– Важно е да се отвораат темите како вештачката интелигенција и нејзината употреба. Ние имаме системски пристап за употребата на вештачката интелигенција, од еден аспект тоа е подготовката на стратешки документи, кои значат нејзина правилна употреба во јавниот сектор, и вториот аспект е изградбата на инфраструктура, што го правиме преку поддршката на големиот проект со ЕУ за формирање на т.н. фабрика за вештачка интелигенција во Македонија, односно поврзување со антена и градење голем јазичен модел на македонски јазик, кој ќе значи една системска употреба на вештачката интелигенција и во јавниот сектор, но и поддршка за употреба во приватниот сектор. Вакви настани како овој денес се значајни затоа што на една научна основа може да се дискутираат конкретни апликативни проекти за употребата на вештачката интелигенција во јавниот сектор и да видиме како тие во пракса би функционирале и би можеле да се употребуваат – изјави Андоновски.
Тој истакна дека за да има реална примена во јавниот сектор, потребни се јасна рамка, квалитетни податоци и инфраструктура со конкретна имплементација, а не само стратегии на хартија. Забележа и дека Министерството за дигитална трансформација работи на конкретни чекори за системско воведување на ВИ во јавниот сектор и креирање основа за одговорна и применлива дигитална трансформација.
– Ги потенцирав и конкретните чекори што ги преземаме, а тоа е националната ИКТ-стратегија 2025 – 2030, подготовката на националната стратегија за вештачка интелигенција во координација со академијата и институциите, интеграцијата на ВИ-систент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ за развој на домашни ГПУ-капацитети и модели на македонски јазик – изјави Андоновски.
Ректорот на УГД – Штип, Мираковски, на денешното свечено отварање на работилницата, на која присуствуваат претставници од девет европски универзитети, рече дека во наредните три дена ќе работат на изработка на проекти од областа на примената на вештачката интелигенција за паметно управување на општеството или подобро општество за сите.
– Сите овие активности би требало да резултираат со многу нови детаљни проекти, кои ќе бидат аплицирани во рамките на европските програми. Ваквите настани ќе овозможат зголемување и на научната активност, но и влијание на универзитетите во секојдневниот живот – вели Мираковски.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, нагласи дека Штип е град кој во минатото бил предвесник на многу промени: Како што рече „потребата од примена на вештачката интелигенција во нашиот град, држава, општество, е евидентна за да се генерира развој и да се отворат нови можности“.
Сангита Ратнаике, претседател на Ариес-инкубаторот на Алијансата ACE 2 EU, посочи дека целта на тридневната работилница е да се донесат локални експертизи, интегрирани во научни истражувања на универзитети од девет држави, а професорите и експертите да се вмрежуваат, соработуваат, потоа да презентираат заеднички научни предлози и да развијат заеднички идеи, кои ќе може да помагаат во решавање на социо-економски и општествени потреби, кои ги има локално во Европа.
– Универзитетот „Гоце Делчев“ како еден од партнерите во нашата Алијанса веќе беше партнер во шест проекти и со овие три дена работилница овде во Штип очекуваме да го зголеми бројот на проекти преку соработката во проектот AI for Society&Smart Governance – изјави Ратнаике.
Извор/фото МИА




