Николоски: Започнат е дијалог за финалното решение на превозниците

Превозниците со протестите го остварија едно од основните барања, а тоа е започнување дијалог кој се води и во негови рамки треба да се изнајдат финални решенија, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, отфрлајќи ги обвинувањата на претседателот на СДСМ Венко Филипче во врска со проблемот на транспортерте. Николоски вечерва присуствуваше во Прилеп  на очетот од работата по 100 дена на прилепскиот градоначалник. 

Николоски рече дека во моментов се води дијалог и има време да се изнајдат финалните решенија за превозниците зашто ќе се одложи примената на ЕЕС системот и наместо од април, ќе почне да се применува од крајот на септември.

– Претседателката на Европската комисија кажа дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ кој се вика Нова визна стратегија на Европската Унија, со кој возачите се признати како професионалци. Тоа беше едно од основните барања. И во рамките на овој дијалог кој се води во моментов треба да се донесат конечните решенија – никој никаде, а камоли во систем како Европската Унија не очекува дека за две недели сите работи да бидат решени. Туку, тоа што јас го кажав, тоа што го кажа тогаш Европската Унија беше дека ќе започне овој дијалог и дека  новата визна стратегија е начинот и патеката по која ќе се оди. Така беше, така се случува. Сето друго е извртување на фактите. Веќе имавме еден состанок на политичко, еден на техничко ниво, изјави Николоски.

Заменик претседателот на Владата најави дека на 24 февруари пак ќе има состанок на техничко ниво. 

– Има доволно време да се изнајдат финални решенија, имајќи предвид дека за превозниците ќе се одложи примената на ЕЕС системот и наместо од април, ќе почне да се применува од крајот на септември. Дотогаш има доволно време и доволно начини да се изнајдат финалните решенија и тие да се имплементираат од сите 29 земји членки на шеген-зоната, што не е мала работа, рече Александар Николоски при вечерашниот престој во Прилеп, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата, сметајќи ги како извртување на фактите.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано