Гацов: Младите ги регистрираат сите слабости на пензискиот систем и ги користат без пардон – плаќаат најнизок придонес за ПИО и се пријавени на половина работно време

Во објава на фејсбук даночниот експерт Павле Гацов сподели искуство од секојдневнитe контакти што ги има со младите пензиски осигуреници.

Тој вели дека иднината на македонскиот пензиски систем влегува во „офсајд“ и појаснува:

„Краток мини „ВАР“ за „офсајдот“ во кој влегува ПС.
Од секојдневни контакти со младите пензиски осигуреници (млади бизнисмени, фриленсери и програмери, …) ги забележувам следните тенденции (трендови):
– исплата на минимална плата (и плаќање најнизок придонес за ПИО);
– пријавување на половина работно време за да се плаќа уште помал придонес;

Да појасниме: Пола работно време значи и пола работен стаж.
– по наполнување на 15 години работен стаж, се одјавуваат од работен однос за да не плаќаат социјални придонеси;
– редовно плаќаат приватно осигурување (животно, пензиско или некаква комбинација на осигурување);
– ми покажуваат пресметка на пензија на нивни родители: едниот со 15 години стаж, вториот со 38 години стаж, и двајцата со ниски плати додека биле во работен однос, добиваат речиси исти пензии;
– ми велат зашто да плаќаме, кога државата секако ќе ни исплатува минимална пензија (гарантирана со закон) и плус ќе добиваме линеарно зголемување во иднина (ова секако не е базично решение во Законот), што значи колку помалку уплатуваме денес толку повеќе ќе сме добитници утре (државата секако ќе не субвенционира, со оглед на тоа дека ќе добиеме многу повеќе од она што ни припаѓа според уплатениот пензиски придонес), а приватното осигурување и заштедата ќе останат наши.


После прегледот во „ВАР“ собата: Младите ги регистрираат сите слабости на пензискиот систем и ги користат без пардон. Со ваквата поставеност на македонскиот пензиски систем, офсајдот не ни бега. Решение: Отстранување
на слабостите на ПС и засилување на мотивацијата за зголемена уплата на пензиски придонес и соодветно на тоа мерливост на ефектите за цело време на примањето на пензијата од државниот пензиски фонд.“

Инаку и денес на сајтот на ПИОМ нема алатка за пресметување на очекуваната пензија врз основа на податоците за платите и должината на работниот стаж, стои во објавата.

Најчитано