Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески заедно со градоначалникот на општина Кичево д-р Александар Јовановски и членови на Управниот одбор на СКСМ, ќе учествуваат на седницата на Регионалната комора со седиште во Кичево, што ќе се одржи денеска, петок, во хотел Атва Резиденс, с.Добреноец, Кичево. На седницата на која ќе присуствуваат и раководствата на регионалните комори со седиште во Битола, Охрид и Прилеп, ќе се разговара за актуелните економски состојби во регионот, инфраструктурните приоритети, поддршката на локалните компании и можностите за заеднички иницијативи меѓу бизнис-заедницата и локалната самоуправа.
Имајќи предвид дека Кичево претставува крајна точка на железничката линија (во западниот дел), токму тука може да се развие мултимодален транспортен јазол што може да служи како транзитен центар каде што товарот што доаѓа со железница би можел да се пренесе со камиони за понатамошен транспорт (на пример, кон албанската страна или пристаништето Драч.)
Овој концепт е стратегиски насочен кон намалување на трошоците, зголемување на логистичкиот капацитет и намалување на загадувањето со користење на железницата за поголем дел од транспортниот товар и овозможува лесно префлање од еден во друг начин на транспорт. Концептот на меѓународен мултимодален транспорт се однесува на транспорт „од врата на врата“, со еден транспортен оператор и се применува во Европската унија. Во Европа функционираат повеќе од 600 вакви мултимодални транспортни објекти, што ги поврзуваат потрошувачите и производителите на одржлив начин.
За да може да се реализира ваква идеја потребно е да се изготви соодветен проект со точно дефинирање на изворите на средствата за финансирање на истиот, во кој ќе биде вклучена и можноста за финансирање по основ на јавно-приватно партнерство. Приватниот сектор треба и мора да учествува во изградбата на овој мултимодале јазол, со приватно јавно партенрство за да може да биде одржлив.







