ПРИДОБИВКИТЕ ОД ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ВИДЛИВИ, НО ОСТАНУВААТ БРОЈНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ, конференција во Стопанската комора

Придобивките од воведувањето на дуалното образование за македонските компании се позитивни и во наредниот период активностите треба да се насочат во подобрување на  квалитетот, како и во воведување во високото образование. Ова може да се постигне со подобрување на односот меѓу компаниите и училиштата, како и на подобрување на „вештините“ и на наставниот кадар, кој недоволно ги следи технолошките промени, кои се применуваат посебно во странските компаниите. И покрај значителниот број на вработувања на лица кои го посетувале дуалното образование, останува предизвикот како тие подолго  да се задржат во домашните компании. Ова се дел од изјавите на претставниците на македонските компании, кои присуствуваа на денешната конференција „Револуција во образованието: моќта на дуалното образование во Македонија“, на која во Стопанската комора беа сумирани резултатите.  

Mинистерката за образование и наука, Весна Јаневска најави дека  ќе се воведува дуален концепт и во високото образование, а со него ќе бидат опфатени главно техничките струки,Со новиот закон, како што објасни таа, првпат се предвидени втор и трет циклус стручни студии, како и кратки студии за специјализација во одредени професии. Првиот циклус стручни студии трае три години и носи 180 кредити.

– Поучени од одличните резултати што ги даваат дуалното образование и учењето преку работа, но и на барање на одредени факултети, се одлучивме на ова што постои во ЕУ, а кај нас го немало. Очекуваме одлични резултати, истакна Јаневска.

–  Факт е дека дуалното стручно образование е наш успешен образовен модел што го градиме последниве неколку години и дава одлични резултати. Во новиот конкурс за упис во средно образование, за учебната 2026/2027, фокусот ќе биде на дуалното образование, а постојните и новите профили ќе бидат димензионирани во договор со локалните самоуправи и компаниите, рече Јаневска.

Денес околу 13.500 ученици се вклучени во средно дуално образование, во 130 квалификации низ 14 сектори,  а овој модел се покажа како успешен и според креаторите на образовниот модел и од бизнис секторот. 

Од 2017 година бројот на училишта кои воведоа ваква пракса од  осум нарасна на 65, а бројот на компании кои учествуваат во овозможување пракса за учениците од 2020 година досега нарасна од 61 на 900.  Во тој период дуалните паралелки од 11 станаа 875 во различни струки. Има 1.500 сертифицирани ментори во компаниите, и 200 верификувани компании.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески се наврати на почетоците на воведувањето на стручното средно образование, при што признание му оддаде на Драги Милошоски од Битола, доскорашен директор на печатницата „Киро Дандаро“, кој денеска има приватна компанија.

-Дуалното образование претставува симбиоза меѓу бизнисот и образовниот систем кој терба да продуцира кади кои веднаш ќе се вклучат  во производните процеси. Најголем проблем е да се порнајде квалификуван кадар. Приоритетите на Комората остануваат: подобрување на извозот и инфраструктурата и на регионалната соработка, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора. 

Вкупниот број на ученици во средното образование во учебна 2025/2026 година изнесува 65.858, од кои 43.187 се во стручно образование, а 21.640 во гимназиско образование, односно приближно 70% од учениците се запишани во стручно образование. Од бројот на ученици запишани  во стручно образование, 13.371 се запишани во дуално образование, или приближно 30% од вкупно запишаните во стручно образование.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано