Европската централна банка (ЕЦБ) денес ги задржа сите три клучни каматни стапки на исто ниво по петти пат по ред: референтната каматна стапка за депозити на два проценти, каматната стапка за главните операции за рефинансирање на 2,15 проценти и каматната стапка за маргиналната кредитна линија на 2,4 проценти.
Се очекува инфлацијата во еврозоната да се стабилизира на целната вредност од два проценти на среден рок, а сегашната монетарна политика е соодветна за постигнување на оваа цел, забележува ЕЦБ.
Во соопштението, банката нагласи дека економијата на еврозоната е сè уште отпорна, благодарение на ниската стапка на невработеност, здравите биланси на приватниот сектор и постепената реализација на јавните инвестиции во одбраната и инфраструктурата, како и долгорочните позитивни ефекти од претходните намалувања на каматните стапки.
Сепак, креаторите на монетарната политика предупредија дека перспективите остануваат неизвесни, особено поради глобалните ризици во трговската политика и геополитичките тензии што би можеле да влијаат врз економскиот раст и инфлацијата, се вели во соопштението на веб-страницата на ЕЦБ, пренесува Еуроњуз.
Годишната инфлација во еврозоната, според прелиминарните „брзи“ проценки, се намали во јануари од декемвриските два процента на 1,7 проценти, објави вчера Евростат.
Фото Економија и бизнис






