Просторот пред палатата Запеион во Атина, која e изградена за одржување на првите современи Олимписки игри, беше местото на одржување на Еко Акрополис Рели 2025. Тропската температура од над 40 степени што беше регистрирана во текот на вчерашниот ден во главниот град на Грција не ги спречи илјадници граѓани – поклоници на автомобилските трки и зависници од адреналин и брзото возење да бидат дел од неверојатното автомобилско доживување. Бројни граѓани од најразлична возраст неколку часа пред почетокот на трката ги заземаа најдобрите позиции покрај оградата на патеката и чекаа да го видат настапот на грчките претставници и на другите осумдесетина екипи од над 15 земји, кои се натпреваруваа во прикажување на возачките вештини.
По почетокот на трката во 19 часот посетителите имаа можност да уживаат два часа во „автомобилската“ претстава на вештите возачи, кои со компјутерска прецизност ги правеа кружните движења на силните машини или вкрстувањата на патеката пред централната бина. Мирисот на согорен бензин и „прегорени“ автомобилски гуми го исполнуваше воздухот во централниот дел на градот под Акропол.
Секое возење на тимовите од познатите автомобилски брендови во светот беше следено со големо внимание од посетителите, кои со мобилни телефони се обидуваа да ги снимаат најдобрите моменти. Добрите потези на возачите беа поздравувани со аплаузи од публиката. Разликата меѓу натреварувачите беше стоти дел од секундата, а финалниот победник на трката Еко Акрополис Рели, ќе биде познат по завршување и на другите етапи од натпреварот кои ќе се одржат следните денови.
Трката во Атина е почеток на еден од најпрестижните автомобилистички настани во календарот на Светскиот рели шампионат (WRC).
Годинава, како и претходно, релито беше поддржано од грчката влада и спонзорирано од националната нафтена компанија EKO, а базата на настанот беше поставена во Атина, под Акрополис.
EKO е главен спонзор на Acropolis Rally од неговото враќање во WRC календарот во 2021 година што ја истакнува нејзината национална поддршка на спортот, туризмот и технологијата. Официјално се именува како „EKO Acropolis Rally Greece“. Таа е една од најголемите нафтени компании во Грција, дел од групацијата Hellenic Petroleum (HELPE).






