Во трезорите на Банката на Англија моментално се чуваат повеќе од 5.000 тони злато, распоредени во 12 огромни простории, од кои секоја содржи илјадници златни прачки со стандардна големина од 400 тројански унци (околу 12 до 13 килограми). Тоа е втора најголема залиха на злато во светот по Федералните резерви на Њујорк.
Телевизијата Скај њуз добила пристап до златните трезори на Банката на Англија, сместени во срцето на Лондон.
Поголемиот дел од златото не ѝ припаѓа на самата Банка на Англија и во неа се депонирани златните резерви на британската влада и на централните банки на повеќе од 60 земји низ целиот свет, кои складираат злато во Лондон за да можат да тргуваат со него.
На почетокот на минатата година, имаше необичен бран на движење на злато, поради стравувањата на инвеститорите дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да воведе царини за скапоцени метали.
Цената на златото во Њујорк потоа се искачи над онаа на Лондон, па инвеститорите побрзаа физички да го преместат златото од Лондон во Соединетите Американски Држави, често преку Швајцарија, каде што златните прачки беа стопени за да се исполнат американските стандарди.
Банката на Англија имаше тешкотии да одговори на порастот на побарувачката во овој период, бидејќи постои само една влезна точка за пратки со злато, а физичкото преместување на такви количини претставува огромен логистички предизвик.
Лондон останува светски главен град на физичка трговија со злато, а историјата, правната сигурност и политичката стабилност ја зацврстија неговата позиција како главно место каде што владите, компаниите и инвеститорите го складираат и разменуваат скапоцениот метал.
Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, рече дека златото традиционално се смета за безбедно засолниште во време на глобална неизвесност и дека сегашните геополитички тензии и нестабилност дополнително го поттикнаа растот на неговата цена.
Од вкупните резерви на злато на Банката на Англија, нешто повеќе од 300 тони припаѓаат на Велика Британија.
Цената на златото денес се движи околу 5.000 долари за унца, пренесува Еуроњуз.
Во декември лани гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна посета на Банката на Англија во Лондон, заради засилување на билатералната соработка и за размена на експертски искуства со една од најстарите и најзначајни централни банки во светот.
Особено значаен дел од агендата беа активностите поврзани со управувањето со златните резерви. Во тој контекст, беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува резервите во монетарно злато, заради подобро запознавање и увид во оперативните процедури за чување и ракување со монетарното злато, сигурносната заштита и во можностите коишто Банката на Англија ги нуди за пристап до пазарот за злато во Лондон, како најголем светски пазар преку шалтер на овој благороден метал, објавија македонските медиуми.
Фото Економија и бизнис






