Вкупно 20 „зелени“ проекти на 17 компании во земјава се во фаза на реализација, со што компаниите ќе придонесат за модернизација на своите производни капацитети, превозни флоти и продажни локации. Почетокот и реализацијата на овие развојни проекти се должи на кредитната линија за поддршка на малите и средните претпријатија за инвестиции во одржливи, зелени технологии обезбедена од ЕБОР преку Стопанска банка АД – Скопје.
Минатата година, ЕБОР и Стопанска банка АД-Скопје потпишаа договор за воведување на оваа кредитна линија во висина од 4 милиони евра, која е дел од Програмата за одржливо рестартирање на мали и средни претпријатија (Sustainable Reboot SME Programme). Согласно критериумите, за реализација на проектите, клиентите на Банката користат грант-поддршка во вредност до 15 проценти од износот на кредитот, обезбедена од Луксембург, Норвешка, Ирска, Италија, Јапонија, Кореја, Шведска, Швајцарија, Кинески Тајпеј и Соединетите Американски Држави. Според намената, 50% од сите проекти се насочени кон искористување на сончевата енергија како извор на електрична енергија за потребите на компаниите. Оваа распределба одговара на актуелните трендови за создавање на одржлива иднина и намалени трошоци од работењето. Останатите проекти се фокусираат на подобра превозна флота и модернизација на производните и продажните погони на компаниите.
– Како Банка со најдолга традиција на пазарот, Стопанска банка АД – Скопје воедно e и системски значајна банка и еден од столбовите на економијата. Затоа, веруваме дека со вакви проекти отвораме нови хоризонти и ја продлабочуваме соработкатасо клиентитеи со заедницата. Им благодариме на ЕБОР и спонзорите на проектот и се надеваме на многу идни успешни соработки – велат од Стопанска банка.
Оттаму истакнуваат дека Стопанска банка продолжува на своите клиенти да им нуди финансиски анализи, совети и решенија во согласност со нивните потреби и можности за унапредување на финансиските резултати и остварувања. Истовремено, заедно со ЕБОР, Банката работи на унапредување на влијанието на бизнисите на клиентите врз животната околина, создавајќи придобивки за сите.







