Поврзувањето на пазарите за електрична енергија, работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика

Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија бил фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).

– По донесувањето на Законот за енергетиката, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници, кои работат интензивно на подзаконската регулатива, што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да почне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес – истакнал Лирим Сулејмани, заменик-претседател на РКЕ.

Како што информираат денеска од РКЕ, од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентирале регулаторните чекори што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.

РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија меморандум за соработка во областите енергија, вода и отпад, со цел размена на регулаторна експертиза.


Фото: РКЕ 

Повеќе од истиот автор

Најчитано