„Осигурителниот сектор ќе има сериозни предизвици во 2024 година. Претстои уште една изборна година која ќе ги закочи неопходните регулаторни промени во донесување нова законска рамка усогласена со ЕУ-регулативата и меѓународните стандарди за финансиско известување. Постојаните критики од страна на Европската комисија за политика на регулирани цени на осигурување од автоодговорност и толеранција на нерегистрирани и неосигурувани возила во патниот сообраќај имаат сериозен притисок врз профитабилноста на осигурителниот сектор. Сè уште сме една од четирите земји во Европа која не е дел од мултиратералниот договор за зелена карта и имаме издавање на т.н. „единечни зелени карти“.
Затегнатите услови на глобалните реосигурителни пазари предизвикани од геостратешките политички услови, од климатските промени, од економската неизвесност и од повисоките цени на капитал ќе имаат влијание во пласирањето на ризиците, во приемот на осигурување и за нагорна корекција на цените на осигурувањето.
Агилноста кон дигитализација на процесите, иновации на страната на понудата со цел да се пресретнат потребите на новите генерации и новопојавените ризици, капитална оптимизација, јакнење на банкоосигурувањето и ефикасно управување со човечките ресурси, ќе претставуваат клучни фактори за успешно работење во 2024 година.“







