Колумна на Влатко Сулев, Балкан Прајм Турс, претседател на НАИТМ
Изминатиов период како дел од НАИТМ, но и со Балкан Прајм Турс, бевме дел од повеќе реномирани саеми за туризам, на неколку континенти. Остваривме средби со тур оператори, странски медиуми, травел инфлуенсери, со останати институции инволвирани во туризмот.
Она што како заклучок можев да го извлечам е дека денес сите се пред предизвикот како да се наметнат како автентична, одржлива и поинаква дестинација. Пред предизвик се и мега метрополите како Париз, Берлин, Рим или Мадрид, како да ги вратат пак туристите, како да ја збогатат понудата…буквално никој не спие! Сите се дигитално проактивни, агресивни, со јасни стратегии и брзи имплементации. Тоа е патот кој треба и Македонија да го оди. Само со стратегиска офанзивна промоција на земјава можеме да имаме одржлив туризам, а Македонија тивко, но сигурно да се позиционира како сериозна европска алтернатива.
Нашата предност не е масовноста, туку уникатната комбинација од драматични планински пејзажи, кристално чисти езера, длабоки кањони и слоевита историја што се чувствува на секој чекор.
Кинезите, Јапонците и останатите туристи од Азија ги интересира нешто различно, а знаеме колку во иднина тие се важни како туристи.
Па така, ние треба да издвоиме неколку дестинации, реони, и околу нив да градиме дополнителна вредност и содржина.
Еден од нашите најголемите природни бисери е Националниот парк Маврово, најголемиот национален парк во земјата, препознатлив по своите планински масиви, богат биодиверзитет и автентични села. Маврово веќе привлекува илјадници планинари и љубители на активен туризам од цела Европа, а неговиот потенцијал допрва треба целосно да се искористи преку одржливи инвестиции и модерна промоција. Од тој аспек имањето сертифицирани планински водичи преку Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, е важен чекор кон воспоставување високи стандарди. Одржувањето на хигиена и грижата за природата пак треба да биде одговорност за сите нас.
Она што на презентациите го издвојуваме е и кањонот Матка, природно богатство кое комбинира спектакуларни карпи, манастири и пештери, со пештерата Врело, како една од најдлабоките подводни пештери во Европа, што претставува вистинска атракција за авантуристичкиот туризам и дополнителна причина Скопје да не биде само транзитна точка, туку целосно туристичко искуство.

Но, природата е само дел од приказната. Македонија има културно и историско наследство што опфаќа антички локалитети, средновековни цркви и османлиска архитектура, автентична комбинација што ретко се среќава на толку мал простор. Тоа е нашата компаративна предност на светската туристичка мапа.
Тука е и агро туризмот. Изминатата недела имав можност да разговарам со огромни ентизијасти, вредни туристички претприемачи како Ana Labor од Spirit of Prespa, Наташа од Пирустија Неданоски, Митко од Мостот на Зовиќ, кои се пример дека ако секој од нас си ја работи работата на ниво, нема ништо што не е достижно.
Наша задача е сите нив да ги направиме повидливи. Затоа и НАИТМ во периодот кој следи ќе поддржи неколку туристички семејни проекти кои имаат потенцијал, и се надева дека неговиот пример ќе го следи и државата.
За крај би истакнал дека денес, клучниот збор во туризмот е дигитализација. Современиот патник одлучува врз основа на онлајн дигитални препораки и лесна достапност на информации. Ако сакаме Македонија да стане препознатлива бренд-дестинација, мораме стратешки да инвестираме во дигитален маркетинг, паметни туристички платформи, интегрирани системи за резервации и аналитика што ќе ни помогне подобро да ги разбереме туристичките навики.
Како претседател на НАИТМ и како некој што секојдневно работи со странски гости преку Балкан Прајм Турс, јасно гледам дека интересот постои. Она што ни е потребно е координирана стратегија – партнерство меѓу приватниот сектор и институциите, јасни стандарди за квалитет и долгорочна визија за одржлив развој.
Македонија не треба да се натпреварува со масовните медитерански дестинации. Нашата сила е во различноста, во автентичноста и во искуството што се памети. Со паметна дигитална трансформација и внимателно управување со природните ресурси, можеме да станеме едно од најинтересните туристички откритија во Европа.
Прашањето не е дали имаме потенцијал. Прашањето е дали сме подготвени стратешки да го искористиме.






