СЗО: Електронските цигари и тутунските производи сè попопуларни меѓу младите во Европа

И покрај опаѓањето на пушењето тутун, младите Европјани се поттикнати сè повеќе да користат електронски цигари и нови ароматизирани производи со никотин, предупреди Одделот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европскиот регион, пренесе Јуроњуз.

Според новиот извештај, 53 земји во Европа и Централна Азија до 2030 година ќе останат дел од светот со најголема потрошувачка на тутун.

– Употребата на тутун веќе предизвикува повеќе од 1,1 милиони смртни случаи од незаразни болести секоја година во европскиот регион, и без забрзана акција во 2030 година ќе бидеме регион во светот со најлош резултат – рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Во 2024 година, околу 173 милиони луѓе во европскиот регион на СЗО биле корисници на тутун.

– Имаме одговорност сега да го промениме курсот, да ги заштитиме младите луѓе од зависност од никотин, да го спречиме мешањето на индустријата во здравствената политика и да спроведеме прописи кои ќе ја спречат доживотната штета што може да се избегне – укажа Клуге.

Се проценува дека во европскиот регион тутунски производи користат четири милиони деца на возраст од 13 до 15 години.

За СЗО најитен предизвик е сузбивањето на порастот на користењето електронски цигари бидејќи ги користат 14,3 отсто од децата на возраст од 13 до 15 години, при што стапката е речиси идентична кај момчињата и девојчињата.

Меѓу возрасните, Европа со околу 31,4 милиони корисници е втора во светот по употреба на електронски цигари, веднаш зад Северна и Јужна Америка.

Европскиот регион е единствениот во светот за кој не се очекува дека ќе ја исполни целта за намалување на употребата на тутун меѓу жените за 30 проценти до 2025 година. Достапните податоци предвидуваат пад од само 12 проценти од 2010 година.

Повеќе од 40 проценти од возрасните жени пушачи во светот – околу 62 милиони – живеат во европскиот регион, со преваленција на оние кои пушат од 17,2 проценти, што е речиси двојно повеќе од следното највисоко ниво од 9,1 проценти во двете Америки.

Тој тренд се одразува и на електронските цигари: во речиси половина од земјите со достапни податоци, забележа СЗО, преваленцијата на употреба на електронски цигари била поголема меѓу девојчињата отколку кај момчињата.

– Тоа не е случајност, тоа е резултат на намерна стратегија на индустријата насочена кон младите луѓе со производи со вкусови и софистициран маркетинг на социјалните мрежи – рече Клуге.

Тој додаде дека Белгија, Данска и Холандија докажуваат дека е можно да се спротивстави на тоа со регулирање на новите производи, забрана на вкусовите и ограничување на огласувањето.

– Секоја земја во европскиот регион би требало да го прави тоа за да ги заштити идните генерации – рече Клуге.

Европската унија ги таргетира тутунските производи со нов сет европски даноци, а Шпанија презема чекори за заострување на правилата за тутун, казнувајќи ги родителите ако нивните малолетни деца пушат.

СЗО забележа дека меѓу 53 земји во европскиот регион само 18 имаат закони за забрана на пушење кои ги покриваат сите јавни простори.

Некои земји како Франција, Финска, Италија и Шведска, наметнуваат ограничени забрани на плажите, во училиштата и парковите.

Во Европската унија продолжуваат преговорите за ревизија на Директивата за оданочување на тутунот.

Меѓутоа, првичниот предлог на Европската комисија до 2028 година да се зголемат даночните стапки, вклучително и на електронските цигари, се соочува со противење од државите членки и потенцијално одложување на воведувањето на тие мерки.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано