Денеска во просториите на Стопанската комора, Советот на странски инвеститори ги презентираше наодите од најновата анкета. Притоа, во име на Советот се обратија Виктор Мизо, Никола Љушев и Волфанг Маер.
Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија ги претставува интересите на 127 компании со странски капитал кои работат во различни сектори и индустрии: автомобилска индустрија, металургија, производство на храна и пијалаци, производи од тутун, земјоделски производи, енергетика, телекомуникациски и ИТ услуги, фармацевтски производи, банкарство, осигурување, консалтинг и ревизија итн.
Членови на Советот се инвеститори од 20 земји од светот: САД, Канада, Русија, Германија, Велика Британија, Австрија, Словенија, Грција, Белгија, Холандија, Швајцарија, Турција, Кина, Тајван и други.
Во спроведената анкета Бизнис и инвестициски индикатор 2023 учествуваа компании претставници од сите индустрии, компании кои се присутни на глобалниот, на регионалниот и на домашниот пазар и имаат големо влијание врз македонската економија.
Оваа анкета ќе прерасне во традиционална годишна анкета на странските инвеститори со проширување на обемот на дејности и на инвеститори.
Вкупниот број на вработени во компаниите кои учествувале во анкетата е над 38 000 вработени. Овие компании оствариле приходи од работењето од над 7,7 милијарди евра и инвестирале над 400 милиони евра во 2022 година.
Инвеститорите реализирале различни видови инвестиции како: гринфилд и браунфилд инвестиции, инвестиции преку спојување и преземање на постојни компании (M&A), како и преку добивање на концесии.
Во продолжение дел од клучните наоди на анкетата:
– 54 % од компаниите се корисници на државна помош и за најголемиот дел од нив правилата за државна помош за поддршка на инвестициите не се јасни.
– 43 % – би инвестирале во Македонија доколку треба да одлучуваат сега.
– 49 % – имаат проблеми со одлив на кадри во странство
– 6 % – се задоволни од подобрувањата на инфраструктурата во минатата година согласно нивните потреби
– Царинската управа е орган од чија работа најмногу се задоволни инвеститорите.
Како најприоритетни прашања за бизнисот на кои треба да се фокусираат државните авторитети во претстојните 12 месеци, инвеститорите ги издвоиле:
– подобрувањето на инфраструктурата (43 %)
– примената на најновите меѓународни сметководствени правила и стандарди (41 %)
– усогласувањето на царинските стапки за увоз со оние во ЕУ без дополнителни условувања од бирократска природа (41 %)
– дефинирањето на правилата за оправдани инвестициски трошоци (37 %)
– олеснувањето на правила и на постапките за престој и за работа на странски државјани (35 %)
Во претстојната 2024 година, странските инвеститори ги сметаат следниве ризици за најсериозни:
– недостатокот на работна сила (59 %)
– инфлацијата (51 %)
– неконзистентноста на економските политики (45 %)
– корупцијата (43 %)
– растот на цената на енергентите (41 %)
– економскиот застој поради изборните активности (35 %)
– недела − неработен ден (20 %)
– политичката нестабилност во земјата (31 %)
– намалената побарувачка (25 %)
– геополитичките конфликти и војни (35 %)
– застојот на набавките, недостаток на материјали (14 %)
Како најважни фактори кои влијаат на донесување на одлуката за инвестирање инвеститорите ги издвоиле:
– ниски даноци (59 %)
– поволна бизнис клима (55 %)
– ниски производни трошоци (47 %)
– добра инфраструктура (39 %)
– достапна квалификувана работна сила (39 %)
– политичка стабилност (39 %)
– близина на пазар (22 %)
– членство во НАТО (18 %)
– близина на добавувачи (14 %)







